„Вила за современо домување, викенд населба на Велешко езеро – Младост“, изработено од Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска е најуспешното дело, добитник на Големата годишна награда за архитектура за 2022 година, која традиционално ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Како покровител на настанот, наградата ја врачи претседателот Стево Пендаровски, кој истакна дека оваа манифестација претставува извонредна можност да се стави акцент врз актуелните случувања во македонската архитектура која, како што рече тој ги одразува општествените, економските, технолошките и естетските тенденции на национално и меѓународно ниво.
– Иако живееме во мачни времиња, уметничките дела не се само рефлексија на актуелниот миг, тие се и надеж и верба. Потпирајќи се врз својата креативна димензија, архитектурата секогаш ни го покажувала убавото низ призмата на облагородениот животниот простор. Спојот на естетиката и утилитарноста, технологијата и хуманото прават архитектурата да сведочи за човековиот напредок, но и за неговиот светоглед, неговата духовност, неговата емоционалната зрелост. Во овој контекст е и позната мисла на американскиот архитект и писател Френк Лојд Рајт кој вели: „Архитектурата е мајка на сите уметности. Без сопствена архитектура, нашата цивилизација ќе нема своја душа“ – рече Пендаровски.
Тој додаде дека градителството во транзицијата во државава е обременето од трката за брза заработка и честите асоцијации со несоодветна урбанизација, бетонизација, урбана мафија.
-Дилемата со која се соочува секој архитект, не само кај нас и не само сега е како да се задоволи барањето на инвеститорите, а да не се згази врз сопствениот творечки талент и да се гради по мерка на човекот и неговите потреби. Верувам дека со својот интегритет, достоинство, професионалност и креативност македонските архитекти успеваат во секој нивни проект да доминира она што е убаво, хумано и вредно. Новите генерации македонски архитекти се достојни наследници на нашата позната традиционална архитектура која сведочи за нашето постоење, нашата култура, етика и хуманизам, порача претседателот.
Марија Димитриевска, која е една од добитничките на наградата изрази благодарност за укажаната можност и доверба.
– Оваа награда е поттик за нашите вложувања во архитектрурата, објектот е резултат на една јасна визија на инвеститорот. Делото беше резултат на дијалог испполнет со леснотија, воден од чувства и желби – рече Димитриевска.
Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев потенцирајќи ја важноста на ваквиот настан порача дека сите архитекти, поддржувачи и државата со своите институции имаат обврска да се грижат за опстојувањето на Асоцијацијата на архитекти како особено важни во полето на архитектурата.