Марокански таен агент идентификуван како Мохамед Белареч се смета за една од клучните фигури во катарскиот корупциски скандал што ги потресе темелите на Европскиот парламент, пишува „Политико“. Неговото кодно име е „М118“, а се проценува дека со години успешно им пркоси на европските разузнавачки служби.
Белареч навидум е во центарот на сложена мрежа што се протега од Катар и Мароко до Италија, Полска и до Белгија. Тој е осомничен дека бил вмешан во интензивни напори за лобирање и наводна корупција, целејќи ги европратениците во изминатите неколку години. А се испоставило и дека веќе извесно време им е познат на европските служби.
Мароко е под зголемено внимание откако се шири истрагата за корупцискиот скандал, настрана од улогата на Катар.
Белгискиот министер за одбрана Венсан ван Квикенборн мината недела изнесе индикација дека Мароко е вклучен во истрагата. Во разговор со белгиските власти, тој спомна „држава што во изминатите години веќе била спомната кога станува збор за странско мешање“. Се смета дека оваа забелешка се однесува на Мароко, откако тајната служба на африканската држава беше обвинета за шпионажа во Белгија, каде што има голема заедница на Мароканци.
Според италијанскиот весник „Република“ и белгискиот „Ле Соар“, Белареч е врската помеѓу поранешниот италијански европратеник Пјер-Антонио Панцери и мароканската тајна служба. Панцери моментно е во затвор соочувајќи се со прелиминарни обвиненија за корупција во истрагата што треба да открие дали Мароко и Катар купувале влијание во Европскиот парламент. А се смета дека Белареч би можел да биде и клучен за откривање на трагата на парите во т.н. скандал „Катаргејт“.
Централна фигура во аферата е грчката европратеничка и потпретседателка на Европскиот парламент (ЕП), Ева Каили (44), која остана без овластувањата во европската институција и е во притвор во Белгија, откако се соочува со обвиненија за корупција по апсењето заедно со уште четворица осомничени.
Во текот на истрагата за корупција и лобирање во корист на Катар, во која биле спроведени десетина рации од белгиската федерална полиција, откриени се повеќе од 1,5 милиони евра во кеш, а некои од сноповите пари биле пронајдени во домот на Каили и во куфер на нејзиниот татко, според известувањето на белгиските медиуми.
Скандалот поттикна повици за реформирање на ЕП и на механизмите во ЕУ, откако водечките функционери во Унијата ја признаа сериозноста на ситуацијата, изразувајќи сомнеж дека можеби се вмешани и други актери.