Натпреварите на „Четирите скокалници“, во Германија и во Австрија, се одржуваат од 1953 година (Светскиот куп во скијачки скокови почна во сезоната 1979/1980) и имаат поинаков систем на натпревари

СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – НОВОГОДИШНА ТУРНЕЈА

Најдобрите скијачи-скокачи од четврток ќе се натпреваруваат на престижната новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во Германија и во Австрија, единствено натпреварување во Светскиот куп во скијачки скокови, кое се одржува од 1953 година (Светскиот куп почна да се одржува во сезоната 1979/1980). Турнејата годинава ќе го има 71-то издание, по вообичаениот редослед, прво во германските Оберстдорф в четврток и Гармиш Партенкирхен в недела, а потоа во австриските Инсбрук на 4 јануари и во Бишофсхофен на 6 јануари.
Системот на натпревари е поинаков од кој било друг натпревар во Светскиот куп во скијачки скокови. За разлика од другите настани, каде што по првата серија, во втората настапуваат најдобрите 30, на „Четирите скокалници“ во првата серија има нокаут-систем, првпат воведен во сезоната 1996/1997. Така, 50-те натпреварувачи се поделени во 25 двојки, по што 25-те победници од овие дуели и петте најдобри меѓу поразените ќе настапат во втората серија.
Рекордери на Новогодишната турнеја се Јане Ахонен (Финска), со пет победи (во 1999, 2003, 2005, 2006 и во 2008 година), Свен Ханавалд (Германија, во 2002 година), Камил Стох (Полска, 2018) и Рјоју Кобајаши (Јапонија, 2019), кои се единствените што при вкупниот триумф победиле и на сите четири натпревари во соодветната сезона. Од активните скијачи-скокачи, три победи има Стох, а два триумфа има Кобајаши. Најмногу поединечни победи, пак, имаат Јенс Вајфслог (Германија) и Адам Малиш (Полска), по 10, Ахонен и Грегор Шлиренцауер (Австрија) имаат по девет, Кобајаши осум…


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ

Јане Ахонен 5 (1999, 2003, 2005, 2006, 2008)
Јенс Вајсфлог 4 (1984, 1985, 1991, 1996)
Хелмут Рекнагел 3 (1958, 1959, 1961)
Бјорн Виркола 3 (1967, 1968, 1969)
Камил Стох 3 (2017, 2018, 2021)