Четири репрезентации ќе играат за распределба на медалите и за освојување на вредниот трофеј (Хрватска и Мароко за првата, а Аргентина и Франција за третата светска титула), за влез во трофеен клуб со повеќе од една светска титула конкурираат 11 фудбалери (Пеле остана недостижен со три), тројца, пак, за престижното достигнување во иста година да станат клупски прваци на Европа и светски шампиони со репрезентација, Меси со уште два меча ќе стане и фудбалерот со најмногу одиграни натпревари на СП…

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Во преостанатите четири меча на фудбалското Светско првенство во Катар, полуфиналињата утре и задутре, мечот за третото место в сабота и финалето в недела, репрезентациите на Хрватска, Аргентина, Мароко и на Франција ќе играат за распределба на медалите и освојување на вредниот трофеј. По одиграните 60 меча беа соборени неколку рекорди, а во преостанатите средби се можни и некои други.
ВЛЕЗ ВО ЕЛИТЕН КЛУБ ШАМПИОНИ: Бразилецот Пеле е рекордер со три титули светски фудбалски првак, освоени во 1958, 1962 и во 1970 година, а со по две титули светски шампион се 20 фудбалери, и тоа 15 од Бразил, четворица од Италија и еден од Аргентина. За влез во овој трофеен клуб со повеќе од една светска титула конкурираат и 11 фудбалери од репрезентацијата на Франција, која во актуелниот состав за СП 2022 има 11 што беа во составот при освојувањето на титулата на СП 2018, и тоа Иго Лорис, Стив Манданда, Алфонс Ареола, Бенжамин Павар, Преснел Кимпембе, Рафаел Варан, Лукас Хернандез, Антоан Гризман, Оливие Жиру, Килијан Мбапе и Усман Дембеле. Вкупно 445 фудбалери досега освоиле светска титула.
Во трка за влез во еден друг елитниот клуб на двојни шампиони, пак, се и Карим Бензема и Едуардо Камавинга од Франција и Лука Модриќ од Хрватска…, од ланскиот состав на Реал Мадрид, кои ќе играат и за престижното достигнување во иста година да станат клупски прваци на Европа и светски шампиони со репрезентација. Претходно тоа им успеа на 11 фудбалери, и тоа на Ули Хенес, Герд Милер, Франц Бекенбауер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Сеп Маер, Јуп Капелман (со Баерн и со Германија во 1974 година), Кристијан Карембе (Реал Мадрид и Франција во 1998 година), Роберто Карлос (Реал Мадрид и Бразил во 2002 г.), Сами Кедира (Реал Мадрид и Германија во 2014-та) и на Рафаел Варан (Реал Мадрид и Франција во 2018 година).
Ниту еден фудбалер досега нема две титули како капитен, но Лорис има таква шанса со репрезентацијата на Франција. Бразилците Пеле и Вава се единствените што постигнале гол во две финалиња за победнички репрезентации (таква шанса сега ќе имаат Антоан Гризман и Килијан Мбапе). Паул Брајтнер од Германија (светски првенства во 1974 и во 1982 година) и Зинедин Зидан од Франција (на мундијалите во 1998 и во 2006 година) постигнаа голови во две финалиња, а победија во нивните први настапи во еден таков натпревар.
МАРОКО Е ПРВАТА ОД АФРИКА И 25-ТА РЕПРЕ­ЗЕН­ТАЦИЈА ВКУПНО ВО ПОЛУ­ФИНАЛЕ НА СП: Третпат на фудбалските светски првенства еден од полуфиналистите не е од Европа или од Јужна Америка, откако Мароко го оствари најдобриот резултат на мундијалите на една репрезентација од Африка. Претходно, меѓу четирите најдобри во светот имаше по една репрезентација од Северна Америка (САД на Светското првенство во 1930 година) и од Азија (Јужна Кореја на Мундијалот во 2002 година). На сите други планетарни шампионати најдобрите четири селекции беа од Европа или од Јужна Америка, а на првенствата во 1934, 1966, 1982, 2006 и во 2018 година, пак, првопласираните четири репрезентации беа од Стариот Континент. Мароко е 25-та репрезентација што се пласирала во полуфинале на светските првенства и игра за да стане првата селекција што станала светски првак, а не е од Европа или од Јужна Америка. Од претходните 24 селекции полуфиналисти, осум станаа светски шампиони (пет се од Европа, а три од Јужна Америка), пет други репрезентации освоија сребрени медали (сите од Европа), седум беа третопласирани (пет од Европа, по една од Северна и од Јужна Америка), а четири селекции беа на четвртото место (три од Европа и една од Азија), на некое светско првенство.
МЕСИ И РЕКОРДОТ НА МАТЕУС: На фудбалското Светско првенство во Катар, Андрес Гуардадо од Мексико, Лионел Меси од Аргентина и Кристијано Роналдо од Португалија се приклучија на врвот на листата со фудбалери со најмногу одиграни светски првенства. Годинашниот мундијал за нив е петти (Роналдо стана и првиот што постигнувал голови на пет светски првенства), колку што одиграле и Рафаел Маркез и Антонио Карбахал од Мексико и Лотар Матеус од Германија, а Џанлуиџи Буфон бил на пет фудбалски мундијали, но има настапи на четири.
Матеус, пак, е фудбалерот со најмногу одиграни средби на светските шампионати, вкупно 25, од 1982 до 1998 година, а на оваа листа по актуелното светско првенство може да го престигне само Лионел Меси, откако тој со репрезентацијата на Аргентина обезбеди уште два мундијалски меча, а досега одигра 24 натпревари на планетарните шампионати. Од фудбалерите што играа на Светското првенство во Катар, Португалецот Роналдо одигра 22 меча, Французинот Иго Лорис 20 (има шанса за уште два натпревара), Германците Томас Милер и Мануел Ноер имаат по 19…


СП 2022 ОСМИНАФИНАЛЕ

Холандија – САД 3-1
Аргентина – Австралија 2-1
Франција – Полска 3-1
Англија – Сенегал 3-0
Јапонија – Хрватска 1-1 (1-3 п.)
Бразил – Јужна Кореја 4-1
Мароко – Шпанија 0-0 (3-0 п.)
Португалија – Швајцарија 6-1

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Хрватска – Бразил 1-1 (4-2)
Холандија – Аргентина 2-2 (3-4)
Мароко – Португалија 1-0
Англија – Франција 1-2

ПОЛУФИНАЛЕ
Хрватска – Аргентина утре, 20 ч.
Мароко – Франција среда, 20 ч.

МЕЧЕВИ ЗА МЕДАЛИ
Дуел за третото место сабота, 16 ч.
Финале недела, 16 ч.