Манифестации по повод Светскиот ден на лицата со попреченост
Танцовото студио „Еурека“ од Скопје подготви богата програма со која го одбележа 3 Декември, Светскиот ден на лицата со попреченост.
Во МОБ, во саботата, од 18 до 21 часот, пред одржувањето на инклузивната балетска претстава „Рефлексија“ се одржаа изложба и аукција на најдобрите фотографии од изминати претстави изработени од млади автори.
Непосредно пред настапот на младите танчари беше премиерно прикажан и спотот насловен „Погледни ме“, по што на сцената се случи „Рефлексија“. По нејзиното завршување имаше дружење на учесниците со дел од публиката и со претставниците на медиумите.
Претседателот Стево Пендаровски, кој со сопругата присуствуваше на претставата, напиша на социјалните мрежи: „Честитки за децата и младите од инклузивната група на танцовото студио ’Еурека’ за извонредната танцова претстава ’Рефлексија’. Вечерва заедно со Бети уживавме во нивниот настап, полн со емоции и љубов, со кои ни ги приближија нивното секојдневие и волјата за поголема инклузија“.
Како и по претходните изведби на „Рефлексија“, и овој пат претставата предизвика бура од емоции кај гледачите.
„Рефлексија – одраз на секој од нас, нашето општество! Светот е убав ваков шарен, разигран. Катерина Јолакоска продолжи во овој ритам, претстави како’Рефлексија’ треба да допре до секое местенце во Македонија, да го стопли и најстуденото срце! Едно големо браво за сите учесници. Благодариме што постоиш и што инклузијата ја живееш 365 дена, а не само на овој ден. Благодариме за сите емоции, емпатија, истрајност и борба“, гласеше еден од коментарите.
– Во светот на различности и нееднаквости, каде што единствената константа е промената, ние сите во „Еурека“ посакуваме да бидеме позитивната промена во многу животи – вели уметничката директорка на танцовото студио Катерина Јолакоска, која е и авторка на претставата „Рефлексија“.
Кореографијата е колективно дело на: Јана Андрејевиќ-Лазарова, Андријана Атанасова, Ања Јолакоска, која ја толкуваше и главната улога, Стефани Кралевска, Елена Чекова, Теодора Јолакоска и Тамара Богатинова. Дел од тимот на „Еурека“ се и Јелица Салтирова, дефектолог, и Даниела С. Кочијева, педагог.
„Рефлексија на денешницата“, „Денес, зашто утре не ни е ветено“, „Животот е сликата што ја имаме за него“, „Реалноста раскажана преку танц“, „Инклузивно прифаќање, соединување, заедништво, среќа, радост, дружба…“, порачаа талентираните млади танчари од трите школи на „Еурека“ во Скопје, во Капиштец, Бутел и во Автокоманда, кои со голема леснотија нѐ внесоа во својот универзален свет на танцот и музиката.
Силна е и пораката испратена од младите танчари за правата на лицата со попреченост и нивните стремежи да се изразат креативно и да ги остварат своите соништа. Да се надеваме дека и оваа, како и другите активности со кои
секојдневно се апелира за подобри услови за живот на оваа ранлива категорија граѓани, ќе има своја рефлексија и наскоро ќе ги донесе саканите резултати.
М.Т.