Ако ви требаат премногу удари кон голот за да бидете ефикасни, тоа не ве прави победник на светско првенство. Репрезентациите го блокираат центарот на теренот и се поотворени на крилата, па една од последиците е тоа што репрезентациите што ги имаат најдобрите крила се тие што имаат најголеми шанси да ја освојат титулата. Тоа ќе биде интересно да се види. И кога зборувам за најдобрите играчи, не се само офанзивните фудбалери, тоа се и бековите, вели Венгер, шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Техничката студиска група (ТСГ) на Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги понуди своите сознанија од првите 48 меча на Светското првенство (СП) во Катар, објави ФИФА.
– Бев многу заинтересиран да видам како ќе помине СП без време за подготовки, како репрезентациите ќе се приспособат на тоа, бидејќи знаеме дека СП се освојува и се одлучува со тоа колку брзо учат тимовите. Во едно натпреварување тоа може да направи разлика, но и колку брзо тренерите го наоѓаат својот најдобар избалансиран тим, својот најефикасен тим. Имав некои други прашања: колку добро ќе биде организирано, какво ќе биде искуството на гледачите, дали ќе може да се гледа повеќе од еден натпревар дневно? И, морам да кажам, ова искуство беше единствено. Видов дека повратните информации што ги имаме од публиката се исклучителни, а ТВ-публиката никогаш не била поголема. Тоа значи дека ова СП создаде огромен интерес – рече шефот на ФИФА за глобален фудбалски развој, Арсен Венгер.
Врз основа на своето огромно искуство и илјадниците податоци собрани на секој меч, ТСГ избра неколку тренда. Ниту една селекција немаше повеќе шутови во групната фаза од 67-те на Германија, но тоа не ѝ помогна да се пласира понатаму. Спротивно на тоа, Холандија и Полска се пласираа во осминафиналето и покрај тоа што се најдоа меѓу репрезентациите со најмалку удари. Причина за тоа беше нивната ефикасност пред голот. Холанѓаните постигнуваа гол по секој 1,6 шут кон голот, а Полска по два, бројки што се поволни во споредба со четирите на Германија за секој нејзин гол и 11-те на Белгија, која, исто така, не се пласира во осминафиналето, пишува ФИФА.
– Приближно, ви требаат два шута кон голот. Ако ви требаат премногу удари кон голот за да бидете ефикасни, тоа не ве прави победник на светско првенство – вели Венгер.
Јасна цел на Судискиот комитет на ФИФА е да има зголемување на ефективното време за игра, што објаснува зошто има повеќе дополнително време на мечевите, како што објасни претседателот на комисијата Пјерлуиџи Колина. Тоа, сепак, не доведе до зголемување на бројот на голови по 90-та минута. На пример, на СП 2018 во групната фаза беа постигнати 21 гол во продолженијата, наспроти 12 на СП 2022.
– Мислам дека има две причини: едната, мечевите се решени и тимот што водел нема за што да тргне напред, или петте замени додаваат можност за подобра одбрана во последните минути од играта – рече Венгер.
По второто коло, ТСГ го истакна фактот дека имало помалку упади во последната третина на теренот и повеќе напади по крилата, а не по средината.
– Репрезентациите го блокираат центарот на теренот и се поотворени на крилата. Една од последиците е тоа што репрезентациите што ги имаат најдобрите крила се тимовите што имаат најголеми шанси да ја освојат титулата. Тоа ќе биде интересно да се види. И кога зборувам за најдобрите играчи, не се само офанзивните играчи, тоа се и бековите – вели Венгер.
Овој тренд продолжи и во третото коло, давајќи му значителен пораст на бројот на постигнати голови по нафрлувања, 83 отсто повеќе од СП 2018.
– Гледаме тренд на компактност на сите во одбранбениот блок, фокусиран на средниот простор, па навистина е тешко за селекциите да се пробијат низ средината, а и да упатуваат удари кон голот од далечина, што сме го виделе на претходните светски првенства. Многу е тешко на ова СП, бидејќи тие ги држат своите две линии, одбранбената и линијата од средниот ред, толку блиску една до друга што речиси нема шанси да се бие. Обично, сега повеќето репрезентации се обидуваат да дојдат преку крилата и да создаваат шанси, а не се двоумат и рано да ја нафрлат топката. Тогаш зависи од вашите напаѓачи, дали ќе ја прочитаат ситуацијата предвреме, дали ќе можат да истрчаат зад одбраната. Гледаме дека многу често решението на тренерите доаѓа преку крилата – вели Јирген Клинсман, поранешен репрезентативен напаѓач на Германија и поранешен селектор на Германија и на САД.
А друг тренд што го посочи ТСГ е намалување на ситуациите „еден на еден“, при што селекциите од Јужна Америка се обиделе во просек 3,6 пати да одат „еден на еден“ на СП 2022, наспроти 2,1 за европските селекции, пишува ФИФА.


СП 2022 ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Холандија – САД 3-1
2. Аргентина – Австралија 2-1
3. Франција – Полска 3-1
4. Англија – Сенегал 3-0
5. Јапонија – Хрватска синоќа
6. Бразил – Јужна Кореја синоќа
7. Мароко – Шпанија 16 ч.
8. Португалија – Швајцарија 20 ч.
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
А. Победник 5 – Победник 6 петок, 16 ч.
Б. Холандија – Аргентина петок, 20 ч.
В. Победник 7 – Победник 8 сабота, 16 ч.
Г. Франција – Англија сабота, 20 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник А – Победник Б 13 декември
Победник В – Победник Г 14 декември
Мечот за третото место е на 17 декември, а финалето на 18 декември