Јапонскиот амбасадор Савада Хиронори денеска присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во Јавната Здравствена Установа Општа болница со проширена дејност Гевгелија. Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија да добие нов „Shimadzu“ рентген апарат на одделението за радиологија, во вкупен износ од 60,698 евра.
-Драго ми е дека со овој апарат во изминатата година се направени 4,000 дигитални снимања – рече амбасадорот Савада на настанот.
Како што информираат од јапонската Амбасада, во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со градоначалникот на Општина Гевгелија Андон Сарамандов и директорот на ЈЗУ Општа болница Гевгелија Митко Крџев. За време на средбата тие разговарале за можностите за идна соработка.
Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош.
Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со ковид-19.
Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.