Сцена 1. ЕНТ. ДЕН Олимпијадата во Минхен, 1972 година… Коментаторот на Телевизија Скопје, Иван Мировски, на коментаторското место, да известува и коментира од олимписките збиднувања. пред себе има монитор… Фудбалски натпревар, само што започнал. Воведно преставување на тимовите и, уште на самиот почеток, гол: Еден спрема нула, драги гледачи. Убаво изведена прекрасна акција… Два спрема нула, неверојатно само за триесетина секунди, на идентичен начин, два спрема нула… Неверојатно (пауза, молк) и одново се јавува коментаторот Мировски, со објаснување дека вториот гол е всушност видеорепетиција, која беше користена во Минхен.
Сцена 2. ВАР-соба, новото царство на компјутерското, медиумското и технолошкото искуство. Просторија на фудбалската локација што служи како точка на координација за фудбалскиот тек и активности и интерфоно ги обединува делителите на правда, фудбалските судии на теренот и надвор од него.
Гледањето фудбал од Светското првенство во Катар деновиве одново е клучната алатка со чија помош се обединуваме со многумилионското фудбалско братство во светот, при што почнуваме и себеси да се доживуваме како дел од мултимилионската виртуелна заедница. Со воведувањето на спортот како содржина во нашите дневни соби и вклучувањето во фудбалските фреквенции во извесна смисла стануваме составен дел на глобален спортски натпревар, во кој главни протагонисти се фудбалските наднационални мегаѕвезди, при што несвесно ментално се интерполираме во „осаменото мнозинство“ – етеричното масмедиумско спортско битие.
Директниот телевизиски пренос на атрактивните спортови, како преносите од фудбалските, атлетските и кошаркарските натпревари, мотокросот, автомобилизмот, натпреварите за Формула 1, денес е доведен до степен на перфекција и со полно право може да се окарактеризира и слови како медиумски креативен уметнички чин. Визурите на тотали на фудбалските стадиони ,директниот телевизиски пренос со голем број камери, магнетоскопи, репетиции на фудбалската игра од различни агли, изгледот и креацијата на болидите, фасцинантната рекламирачка иконографија, одличната поставеност на телевизиските камери, со чија помош во нашата перцепција се формира секвенцијален монтажен простор. Сето тоа заедно гледано и доживеано нѐ вградува во еден специфичен вид временска и просторна истодобност, во која, освен нас, во извесни атрактивни собитија активно се вклопуваат и над милијарда гледачи. Секој натпревар, фудбалски автомобилски, кошаркарски, ракометен…, е посебна епизода, во која основниот динамичен дел е драматуршки конзистентен и непредвидлив, местото на збиднување – различно. Севкупно, висок естетски чин во духот на новото време. Фактот дека во исто време и виртуелен заеднички простор тој е еднаква информатичка и естетска наслада за милијарда консументи е силна потврда за демократскиот потенцијал на масмедиумската презентација.
Притоа, во духот на масмедиумскиот теоретски мејнстрим, уште еднаш ќе подвлечеме. Медиумите не се мртво огледало, отворен прозорец кон светот, ниту нова епифанија, туку значајна перцептивна рамка и реторичко место на современата култура. Тие го изоструваат нашето историско и цивилизациско чувство за поединост (детаљ) како структурален дел што го рециклира минатото и ја вградува иднината.
Во нив симетријата меѓу минатото и иднината е оневозможена и неважна и престорена во секвенци од општи места без напнатост и чувство за историчност
И за крај уште едно потсетување-анегдота од времето на радиото… Пренос од фудбалски натпревар на скопски Вардар и легендарниот репортер и собраниски стенограф Ивко Панговски, во елемент и негов стил: Кочо Димитровски од длабочина ја додава топката до Дарко Панчев. Дарко Панчев во позиција да влезе во шеснаесетникот, во позиција да падне во шеснаесетникот, Дарко паѓа во шеснаесетникот – пенал, чист пенал, драги слушатели, чист пенал. Публиката е на нозе. Чист пенал… судијата одмавнува со раце и дава знак да продолжи играта. Така беше во време на радиото, немаше магнетоскопски репетиции, ниту ВАР-проверка. Спортот во зоната на глобалниот кибер-простор, привлечна, прагматична и атрактивна медиумска содржина, ја проширува својата содржинска и онтолошка рамка, при што границата мимезис меѓу медиумската фикција и вистинскиот живот исчезнува и од содржински виртуелна се надградува и транспонира во хиперстварност. А фудбалот е бизнис што врти милијарди. Но без оглед на бројките и интересите, низ директните преноси нѐ обединува во „осамена“ замислена заедница на милиони луѓе.
Аљоша Симјановски