Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел смета дека војната меѓу Русија и Украина „можеби нема да заврши, туку ќе замрзне како војната во Кореја“ од пред 70 години.
– Во Кореја, двете страни постигнаа примирје и прекин на огнот со воспоставување линија на раздвојување. Ова може да биде излез од овој конфликт, рече Борел (75), кој е и потпретседател на Европската комисија. Тој ова го изјави во Барселона, каде што учествуваше на настанот „Глобални кризи, европски одговори“ организиран од локалниот Центар за меѓународни односи (ЦИДОБ) – јави весникот „Ла Вангардија“.
– Украина и Русија ќе мора да се повлечат од нивните сегашни позиции за да постигнат сценарио како она во Кореја- рече Борел и додаде дека тоа значи оти Киев и Москва треба да престанат да бараат, бранат или освојуваат територија.
Договорот за примирје во Кореја, кој сè уште е во сила, беше потпишан во 1953 година од страна на Северна Кореја и САД, во улога на сојузник на Јужна Кореја. Договорот стави крај на воените операции, а требаше да биде основа за иден дефинитивен мировен договор, кој до денес не е реализиран.
Договорот воспостави демилитаризирана зона. „Но, премногу е рано да се размислува за (мировни) преговори“, истакна Борел, кој верува дека сега не е време двете страни да седнат на маса, исто како што не е време да се вложат напори во обнова на земјата.
– Сега мораме да се фокусираме на избегнување на уништување- рече тој.
Борел нема намера да предводи мировни преговори бидејќи, како што тврди, Русија не ја прифаќа Европската унија како посредник.
– Лавров секогаш претпочита директно да разговара со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ отколку со мене – рече тој.
Сепак, Борел забележува дека блокот од 27 земји мора да биде на преговарачка маса бидејќи „европските санкции се клучен елемент во какви било преговори и затоа што безбедноста во Европа е наша безбедност“.
Војната во Украина трае веќе девет месеци, што предизвика поскапување на храната, струјата и бензинот, погоди милиони жители на Европската унија и земји надвор од неа.
– Неопходно е да се најде решение за проблемите што ги предизвика војната. Не смееме да се умориме. Путин верува дека демократските општества се слаби поради постојаните дебати што се водат. Тој очекува јавноста да бара прекин на војната – изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.
Борел вели дека негова задача е да им покаже на неутралните земји во светот дека „Русија е негативец, а не санкциите на ЕУ“. Во групата на неутрални наречени Глобален Југ, најчесто се јужните земји како Индија, Пакистан и Кина, како и некои африкански и јужноамерикански земји.
– Бараат од мене да ја прекинам војната. Знам како да ја запрам: со запирање на испораката на оружје за Украина. Но, ако го прекинеме тоа снабдување, какви би биле последиците? Ако Русија победи во оваа војна, таа ќе оди кон следната цел – заклучи тој.
Борел, кој е поранешен министер за надворешни работи на Шпанија, инсистира на дополнително вооружување на земјите од ЕУ.
– Европа мора да почне да се вооружува ако сака да остане на висината на задачата – рече тој додавајќи дека земјите мора да се договорат кое оружје ќе се набавува за да не се „преклопуваат“.
– Сепак, таа динамика не може да продолжи бесконечно и неопходно е да се изгради систем кој би ја гарантирал безбедноста во Европа- додаде Борел.
Тој заклучи дека сегашниот посредник во конфликтот, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), не функционира.