Кина во финалето го победи Узбекистан, а бронзата ѝ припадна на Шпанија, која во тајбрејк-меч беше подобра од Индија

ШАХ – ЕКИПЕН МУНДИЈАЛ ЗА МАЖИ

Репрезентацијата на Кина го освои златниот медал на 13. екипно Светско првенство (СП) во шах за мажи, кое се одржа во Ерусалим (Израел), со учество на 12 репрезентации. Во финалниот дуел (се играше на четири табли), Кина ги доби двата меча со по 2,5-1,5 поени против младиот и актуелен олимписки првак Узбекистан, кому ова му е прво сребро на СП.
За Кина, пак, (осморангирана пред почетокот на СП), која на ова СП дојде без моментно своите осум прворангирани шахисти, ова е трето злато, а има уште три сребра и една бронза, со што само покажа за каква шаховска велесила се работи. Боите на Кина ги бранеа велемајсторите (ВМ) Шангли Лу (2.627 рејтинг-поени во забрзан шах), кој освои 2,5 поени од четири партии, Хјангиу Ху (2.574), Јанг Вен (2.528), 3/5, Џинши Баи (2.498), 1/1 и Ди Ли (2.441), 4,5/5. Се играше со време за размислување од 45 минути плус 10 секунди по секој потег, почнувајќи од првиот, по играч, што првпат се практикуваше.
Третото место го освои Шпанија, која со победа во т.н. тајбрејк (партии со време од три минути плус две секунди по секој потег, почнувајќи од првиот, по играч) ја совлада Индија со 3-1, откако во претходните два меча беше нерешено 2-2. За Шпанците ова е прв медал, а Индија има освоено една бронза. И двете селекции имаа силни состави и покрај тоа што им недостигаа некои врвни играчи. Узбекистан, иако е втор, уште еднаш покажа дека е силна репрезентација и покрај тоа што не играше нивната прва табла, ВМ Нодирбек Абдусаторов. Г.И.


Најдобри по табли

ПРВА ТАБЛА: Максим Вашер-Леграв (2.782, Франција), Шангли Лу, (2.752, Кина), Шахиријар Мамеѓаров, (2.749, Азербејџан)
ВТОРА ТАБЛА: Јаховир Синдаров (2.764, Узбекистан), Тамир Набати (2.764, Израел), Кирил Шевченко (2.763, Украина)
ТРЕТА ТАБЛА: Лоран Фресине (2.742, Франција), Гадир Гусеинов (2.737, Азербејџан), Сринат Нарајанан (2.716, Индија)
ЧЕТВРТА ТАБЛА: Џинши Баи (2.739, Кина), Јахонгир Вахидов (2.705, Узбекистан), Шимон Гумуларж (2.538, Полска)
ПЕТТА ТАБЛА (прва резерва): Ли Ди (2.661, Кина), Мигел Сантос (2.581, Шпанија), Роби Кевлишвили (2.511, Холандија)0


Досегашни шампиони

1985 СССР
1989 СССР
1993 САД
1997 Русија
2001 Украина
2005 Русија
2009 Русија
2011 Ерменија
2013 Русија
2015 Кина
2017 Кина
2019 Русија
2022 Кина