Верувам дека знаењето и искуството на Питер Марфи можат многу да ни помогнат. Тој нема да ги учи момчињата да играат одбојка, ако така мислите. Марфи ќе прави тестови со моите голмани, ќе им каже како да го натераат изведувачот на пенали да се чувствува помалку сигурен. Петер и психолошки ќе ги поддржи нашите голмани. Тој ја има студирано оваа област на универзитет и има многу знаење. Веројатно сме првата земја во светот што ги направи пеналите научен проект. Тоа е она што јас го нарекувам иновација и правам многу иновации во фудбалот, рече Ван Гал, пренесе „Мирор“

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Луис ван Гал користеше врвен одбојкарски тренер во подготовките за фудбалското Светско првенство (СП), во обид да се осигури дека Холандија има предност кога станува збор за евентуални пенал-серии. Ван Гал покажува дека е отворен за нови идеи со додавањето на Питер Марфи во неговиот тренерски штаб пред неколку месеци. Марфи е поранешен тренер на одбојкарскиот национален тим на Холандија, а Ван Гал го нарекува убиец на пенали, пишува британскиот „Мирор“.
Ван Гал изгради репутација дека размислува поинаку од другите. На Светското првенство во Бразил во 2014 година, тој го замени првиот голман Јаспер Силесен со Тим Крул во последните моменти од четвртфиналната средба без голови со Костарика. Крул потоа одбрани два пенала, а Холанѓаните победија. Ван Гал подоцна изјави дека се работи за игри на умот, откако Силесен откри дека играчите на Холандија немале поим за идејата на нивниот селектор, пишува „Мирор“.
Ван Гал е убеден дека во нокаут-фазата на Светското првенство во Катар може да решаваат нијанси.
– Мораме да тренираме за оваа ситуација сега, бидејќи нема да има многу време за подготовка пред Светското првенство. Тоа е многу важен детаљ, пеналите често се одлучувачки на големите натпреварувања и на тоа мора да обрнеме повеќе внимание – изјави пред неколку месеци Ван Гал, пренесуваат германски медиуми.
Марфи доби задача да работи со голманите на репрезентацијата на Холандија за да ги научи како да читаат каде изведувачите на пенали ќе ги изведуваат своите удари, пишува „Мирор“. Но тој, исто така, ги учи да ги збунат противниците. Ван Гал се врати од пензија за да ја води Холандија на Светското првенство откако таа репрезентација не се пласираа високо на Европското првенство лани.
– Верувам дека знаењето и искуството на Питер Марфи можат многу да ни помогнат. Тој нема да ги учи момчињата да играат одбојка, ако така мислите. Марфи ќе прави тестови со моите голмани. Тој, исто така, ќе им каже како да го натераат изведувачот на пенали да се чувствува помалку сигурен. Постојат алатки и трикови за ова. Мислам дека е дозволено да се влијае врз противникот. Танцувачки голман на линијата е многу возможен. Питер и психолошки ќе ги поддржи нашите голмани. Тој ја има студирано оваа област на универзитет и има многу знаење. Она што го направив во 2014 година беше нешто што го нарекувам „око на мајсторот“. Овој пат ќе ги снабдиме голманите со научна страна за да бранат пенали. Веројатно сме првата земја во светот што ги направи пеналите научен проект. Тоа е она што јас го нарекувам иновација и правам многу иновации во фудбалот. На сите турнири на СП е докажано дека пеналите често се одлучувачки – рече Ван Гал, пренесе „Мирор“.