Над 81 отсто од новинарките во Македонија се соочиле со вознемирување на интернет поради нивната работа, покажа последното истражување на медиумската организација ПИНА, спроведено годинава, базирано на анкети направени со 103 новинарки од домашната медиумска сцена. Публикацијата дава детален и темелен увид за вознемирувањето, нападите и притисоците со кои се соочуваат новинарките поради објава на нивни стории со најразлични важни теми за нашето општество.
Важно е да се потенцира дека новинарките изјавиле дека најчесто мотивот за вознемирувањето бил објава на новинарски текстови насочени кон центри на моќ, а во 43,4 отсто од случаите поради објава на новинарски текстови за општествени случувања што биле критички кон властите.
Околу една третина одговориле дека имало вознемирување и поради објавени новинарски текстови за општествени случувања што биле критички насочени кон некоја партија, додека помали се процентите за изразување лични ставови и мислења за општествени случувања што биле критички кон властите и кон некоја партија.
Според содржината на онлајн вознемирувањето, најчесто станувало збор за говор на омраза – во 69 отсто од случаите, во повеќе од половина од случаите (51,7 отсто) станувало збор за сексизам и за шовинизам (43.7 отсто). Овие податоци, но и личните искуства споделени од новинарките, само го потврдуваат тоа што ние со организацијата долго го говориме и адресираме – новинарките се таргетирани поради нивната професија, но исто така се таргетирани и поради тоа што се жени во едно нееднакво и патријархално општество. Најмногу вознемирување се случувало на социјалната мрежа Фејсбук, а во помали проценти и на Твитер и на Инстаграм.
Формите на вознемирувања кон новинарките на интернет се различни – од коментари што се оставаат под новинарскиот производ, преку споменување на нивното име и презиме во разни негативни конотации, па до споделување нивни фотографии за дискредитација, како и закани, навреди, вознемирувања во лични пораки, онлајн демнење и оркестрирани кампањи чија цел биле новинарките.
Според анкетата, 24,1 отсто од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5 отсто закани по животот. Последните две бројки дејствуваат помали во споредба со драстичното онлајн вознемирување од претходните бројки, но ако се земе предвид големината на примерокот опфатен во анкетите, излегува дека повеќе од 20 новинарки се соочиле со директни закани за физичко насилство и закани по животот поради нивната работа. Кај 16 отсто од новинарките вознемирувањето не останало само онлајн туку се префрлило и офлајн. Овие податоци треба сериозно да ги загрижат сите што денес работат во и за медиумите и во новинарството.
Загрижувачки е и податокот дека на прашањето дали сметаат дека онлајн вознемирувањето со кое се соочиле е организирано од некого, повеќе од една третина од новинарките одговориле дека тие онлајн напади кон нив биле организирани. Ниту една од новинарките што се соочиле со вознемирување не смета дека вознемирувањето нема да се повтори. Напротив, најголемиот дел (81,6 отсто) од нив смета дека е многу веројатно повторно да се случи истото тоа.
Новинарките имаат ниска доверба да го пријават вознемирувањето со кое се соочуваат на интернет и доминантно сметаат дека нема да се преземе нешто посебно за да бидат заштитени. И покрај тоа што најмногу од нив (86,4 отсто) одговориле дека знаат во која институција треба да се обратат за да го пријават онлајн вознемирувањето, само 25,2 отсто од анкетираните што се соочиле со вознемирување го пријавиле вознемирувањето во надлежната институција.
Од нив, 41,9 отсто изјавиле дека биле многу незадоволни од соработката со институциите. Само две новинарки (6,5 отсто) биле задоволни од третманот на институциите. Меѓутоа, некои од новинарките изјавија дека не биле задоволни ниту од постапувањето на новинарските здруженија во кои го пријавиле случајот на онлајн вознемирување. Само 18,4 отсто од анкетираните го пријавиле вознемирувањето во медиумските организации.
Прашањето за драстичното онлајн вознемирување чија цел се новинарките не е маргинално и не ги засега само жените во медиумите. Овој проблем, за чии размери сега има конкретни податоци и споделени многубројни искуства од самите новинарки, директно влијае и ги загрозува слободата на новинарството и медиумите и слободата на говорот во земјата. Сфаќањето на сериозноста на овој загрижувачки тренд и адресирањето на ситуацијата треба да станат еден од приоритетите за дискусија, пред сѐ во фелата, во медиумите и медиумските организации, а продлабочувањето на проблемот мора да запре.
Како што неодамна истакна авторката на анализата (Бојана Јовановска) на медиумскиот фестивал „Скопје 2022“, целта на нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици, како и целни групи што делат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето. Затоа ова прашање не само што е важно за новинарките туку е важно и за целокупната слобода на медиумите и за слободата на говорот во нашата земја.
Бидејќи нивната цел е токму тоа – да се задуши критиката, слободната мисла и да се замолчат оние што објавуваат неповолни информации, стории или ставови за властите, партиите или други центри на моќ.
Новинарките, а и новинарите секако, се тренирани да се соочат со голем број проблеми што ги носи природата на нивната работа и да развијат „дебела кожа“, со која ќе истрпат разни видови притисоци, влијанија и реакции со кои се соочуваат низ кариерата. Но за некои однесувања нема оправдување и не треба да се прифатат однапред како нормална појава за ниту една професија, па ниту за новинарството.
Особено не кога станува збор за онлајн булинг, за хајки, говор на омраза, шовинизам, закани за физичко насилство итн.
Нормализацијата на овие однесувања и нивното игнорирање поради страв од покажување слабост не ни помагаат.
Говорење гласно за соочувањето со ваквите искуства не е никаква слабост, туку напротив – е голема храброст. Гласноста за она со што се соочуваме дури може и да влијае на намалување пред сѐ на дејствата на вознемирувачите и на преземање мерки за намалување на овој загрижувачки тренд. Искуствата говорат дека вознемирувачите и напаѓачите на интернет се чувствуваат многу силно токму поради нивното погрешно уверување дека не може да имаат правни последици за она што го прават.
Тука е важна и солидарноста меѓу самите новинарки, како и солидарноста од нашите колеги новинари, со кои сигурно борбата за подобрување на ситуацијата ќе биде полесна.
Кристина Озимец
Авторката е претседателка на медиумската организација ПИНА Республика