Фото: Илустрација/З.А.

Ако до пред 2-3 години Германија, Швајцарија и Австрија беа главни дестинации за кичевските печалбари, денес состојбите се променија и се поголем број граѓани од заминуваат за Хрватска. Таму освен на приморјето на Јадранско Море својот леб го заработуваат и во Загреб и во неговата околина, а во последно време и во Славонија.

Како што велат самите печалбари, во оваа земја заработката не е на нивото од трите горе споменати земји, но е многу полесно да се адаптираат, бидејќи јазикот добро го познаваат како и менталитетот на своите домаќини а и платите се повисоки од кај нас.

-Во Хрватска сум повеќе од една година и до таа мера се адаптирав на условите за живот и работа во оваа земја, што планирам да продолжам и понатаму а не е далеку ни времето кога целото семејство ќе го однесам во оваа земја. Уште од првиот ден имам впечаток како да не сум во странство, нашите домаќини имаат многу сличен менталитет на нас, лесно се разбираме поради немањето јазички бариери а и платите се нешто повисоки за разлика од нашата земја. Најпрво работев на приморјето, но од есеноска сум на работа во главниот град, кадешто планирам да останам подолго – вели Бојан Николоски помлад жител на Кичево, кој претходните десетина години мака мачел да најде редовна работа.

Има и случаи на жители на градот кои ја напуштаат работата во јавниот сектор и заминуваат во Хрватска.

-Иако не планирав својот работен век и живеачка да ја продолжам во Хрватска, сепак еден близок пријател ми кажа многу убави зборови за оваа земја и ми посочи дека платите се далеку повисоки отколку кај нас, условите за работа на европско ниво и сето тоа ме убеди да ја напуштам работата и да продолжам во оваа земја. Вработен сум во угостителство во подалечната околина на Загреб и според првите искуства, сметам дека воопшто не сум погрешил – вели Златко Петрески .

Покрај немањето на работа главен мотиватор за заминување во оваа земја е висината на платите која во најголем дел се движи од 800 до 1.000 евра како и редовната исплата и осигурување кое што го добиваат уште првиот ден. Токму нередовната плата во Кичево натера семејство есенва да ја промени својата адреса на живеење и да замине во странство.

-Работев во приватен сектор последната година и пол. Платата редовно доцнеше, а последните три месеци воопшто и не беше исплатена. Токму од тие причини со моето семејство одлучивме да ја побараме среќата во Хрватска и според првите впечатоци сметаме дека воопшто не погрешивме – вели брачен пар од Кичево, кое својот ангажман го најде во околината на Вараждин.

Кичево е се попразно, а работоспособното население секојдневно се исселува.