Премиерот Димитар Ковачевски очекува до 22 ноември поправениот трансформатор на РЕК Битола, кој беше изгорен, да се донесе од Турција. Транспортот на трансформаторот, како што изјави денеска, нема да се реализира камионски, туку комбинирано, преку Солунското пристаниште, зашто се работи за товар тежок 300 тони.
Според Ковачевски, кога ќе се монтира трансформаторот и кога ќе се санира цевката во вториот блок, трите блока на РЕК ќе бидат во функција.
-РЕК Битола сега работи со еден блок. Протече една од цевките во вториот блок, се работи на негова санација и тој треба да биде ставен во функција наредните денови. Кај оној трет блок кој имаше изгорен трансформатор, трансформаторот е направен и веќе почна неговиот транспорт. Се работи за транспорт што тежи 300 тони и оди со десетосовинско возило. Не можеше да оди со камионски транспорт од Турција до Битола, па се оди на комбиниран превоз. Благодарение на добрите односи со грчката Влада обезбедени се сите транспортни дозволи, останува уште малиот проблем со мостот кај Новаци чија носивост е 10 тони. Тој ќе треба соодветно да се обезбеди и транспортот без пречки да се реализира. Очекуваме до 22 ноември трансформаторот да пристигне во Битола, да се изврши монтажа и со поправката на цевката кај другиот блок, да има три блока кои ќе бидат во функција – рече премиерот, одговорајќи на новинарски прашања.
Ковачевски повтори дека ТЕЦ Неготино засега не произведува струја зашто цената на производството би била повисока од берзанската.
-Овој период ќе се искористи за детална проверка и поправка на се што треба во генераторот. За тоа време се врши увоз на електрична енергија кој беше предвиден и притоа, финансискиот баланс не е нарушен – подвлече Ковачевски.