На новиот портал за литература и книжевна критика „Kритикбу“, деновиве отворен во Истанбул, двојазично, на турски и на англиски јазик, е објавен расказот „Наредното евангелие“ на македонскиот писател Томислав Османли. Објавата на оваа проза е проследена со детална биографија на нејзиниот автор. Инаку, расказот на Османли за првпат беше објавен во 2020 година во прилогот ЛИК на весникот „Нова Македонија“.
Есхатолошката тема и особениот стил во кој е пишувана оваа јадровита проза на Османли веќе ѝ обезбеди објави во Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција и во Србија. Ова е петта меѓународна објава на расказот на актуелната тема на пандемиското искушение со кое светот трагично се соочуваше последниве три години. Станува збор за кратка проза што го проблематизира отуѓениот свет на денешницата, фокусирајќи ја пандемијата како метафизичка казна и предупредување, за човештвото одродено од автентичните етички и морални вредности. Во видувањето на „Наредното евангелие“, пандемијата е конечна предупреда за глобалната цивилизација, која ризикува да се самоукине, крајно изневерувајќи го филантропскиот бит што треба да ѝ биде неотстапна одлика.
На турскиот портал, расказот на македонскиот автор е објавен двојазично, на турски јазик во превод на Мехмед Јонуз и на англиски во превод на Димитар Т. Османли.