Според податоците на ОН, денеска, 15 ноември, планетата Земја треба да достигне осум милијарди жители. Во периодот кога светот се соочуваше со пандемијата на коронавирусот, светскиот прираст на населението продолжи да расте, и покрај смртта на 16-28 милиони луѓе поради ковид-19. Процените се дека во 2037 година светската популација ќе достигне девет милијарди, а во годините потоа и околу 10,4 милијарди луѓе. Какви предизвици носи тоа?

СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА ВО НАГОРЕН ТРЕНД

Според официјалните податоци на Обединетите нации (ОН), на 15 ноември, односно денеска, планетата Земја треба да достигне осум милијарди жители. Во однос на ова прашање, кај западните интелектуалци отсекогаш постоеле песимистички погледи, во смисла дека големиот прираст на населението може да доведе до глобален глад или до еколошка катастрофа. Но други предупредуваат дека поради нискиот наталитет може да дојде до колапс на населението, а тоа пред сѐ се однесува на западниот свет, како и на други високоразвиени држави, како Јапонија, кои се соочуваат со проблемот на стареење на населението. Некои од светските експертите и аналитичари нагласуваат дека промената на населението во изминатата деценија сугерира дека овие две спротивставени гледишта ќе се покажат како неточни.
Податоците покажуваат дека во периодот помеѓу 1998 и 2010 година, светското население се зголеми од шест милијарди на седум милијарди, а во следната деценија населението се зголеми за уште една милијарда. Наспроти песимистичките погледи, споменатиот прираст на светската популација се зголемил благодарение на подобрувањето на исхраната и јавното здравје, намалувањето на смртноста кај доенчињата, болестите и смртноста на мајките при породувањето. Во периодот кога светот се соочуваше со пандемијата на коронавирусот, светскиот прираст на населението продолжи да расте, и покрај смртта на 16-28 милиони луѓе поради ковид-19, според податоците на британскиот неделник „Економист“. Процените се дека во 2037 година светската популација ќе достигне девет милијарди, а во годините потоа и околу 10,4 милијарди луѓе.
Постојните податоци исто така покажуваат дека светската стапка на раст на населението во одредени периоди покажува тенденции и на опаѓање. Во 1963 година, светската популација се зголемила за 2,3 отсто, а во 2022 година пораснала само за 0,8 отсто, што е најниска стапка од 50-тите години на 20 век. Оваа контрадикторност аналитичарите ја објаснуваат со инерцијата и периодот, односно 90-тите години на 20 век и првата деценија на 21 век биле декади на релативно брз раст на светското население. Бројката на луѓето на возраст помеѓу 18 и 49 години во 1987 година изнесувала 2,2 милијарди, а денес е 3,6 милијарди. Меѓутоа податоците покажуваат дека оваа популација денес се одлучува за помали семејства, односно за помал број деца. Податоците исто така покажуваат дека стапката на фертилитетот, односно колку деца може да се очекува од една жена, се намалила од 3,3 отсто во 1990 година на 2,3 отсто денес. Податоците исто така покажуваат дека стапката на фертилитетот останува константна, односно околу 2,1 отсто.
Прирастот на населението на светско ниво исто така е условен од регионите и државите. Се верува дека во периодот помеѓу 2022 и 2050 година, околу половина од предвидениот прираст на светското население ќе се случи во осум држави. Пет од нив се во Африка (Конго, Египет, Етиопија, Нигерија и Танзанија), преостанатите три се во Азија (Индија, Пакистан и Филипини). Се верува дека следната година Индија ќе ја надмине Кина како најнаселена држава во светот, а африканскиот континент ќе ги надмине Европа и Северна Америка.

Според познавачите, ова може да доведе до еколошки и социјални импликации. Населението во Индија и во Африка загадува многу помалку од жителите на Америка, Европа или Кина. Според Обединетите нации (ОН), сиромашните и државите со понизок среден приход сочинуваат само една седмина од емисиите на јаглероден диоксид во светот. Но 90 отсто од растот на населението во деценијата што нѐ очекува ќе дојде токму од државите што предизвикуваат помало загадување. Некои од експертите веруваат дека прирастот на населението може да доведе до влошување на еколошките притисоци, а како пример ја посочуваат Сомалија, која се соочува со суша, а има околу 17 милиони жители. Но познавачите исто така посочуваат дека на светско ниво постојат многу малку докази дека зголемувањето на населението, само по себе, придонесува за глобалното затоплување.
Некои од општествата се соочуваат и со проблемот на стареењето. Податоците покажуваат дека две третини од луѓето низ светот живеат во држави каде што населението се израмнува или опаѓа во однос на вкупната стапка на плодност. Во 61 држава, претежно богати и развиени општества, населението ќе се намали за 1 отсто или повеќе до 2050 година, а тоа се потврдува и од истражувањата на Обединетите нации (ОН). Оние општества што се соочуваат со стареење на населението имаат пропорционално помалку работоспособно население, а тоа води кон зголемување на даноците што се неопходни за пензионерите и старите лица.
Некои од експертите веруваат дека Германија во 2100 година ќе има приближен број на жители како и во 1950 година, а тоа може да се одрази врз економските перформанси на оваа држава. Со сличен проблем се соочува и Јапонија, една од најголемите светски економии. Меѓутоа познавачите посочуваат дека сепак не е јасно дали оваа промена негативно ќе се одрази врз оние општества што се соочуваат со стареење на населението. Од една страна, западноевропските општества падот на наталитетот и стареењето на населението ги компензираат со многубројните легални и илегални мигранти, кои најчесто се работно способни млади луѓе. Од друга страна, технолошкиот напредок овозможува да се задржи продуктивноста. Н.М.


Зголемениот прираст и економската стагнација како дестабилизирачки фактори

Неколку експерти посочуваат дека паралелно со прирастот на населението треба да се одвива и процес на економски и општествен напредок. Во спротивно, младата популација што се соочува со егзистенцијални проблеми може да стане дестабилизирачки фактор, а тоа особено се покажа како точно за муслиманските и арапските држави од Блискиот Исток и Северна Африка. Семјуел Хантингтон, познат американски политиколог и филозоф, уште во 1996 година предупреди дека поради големиот прираст на населението и економската стагнација може да дојде до политички турбуленции на Блискиот Исток, турбуленции што можат да се одразат и врз европските држави.
Според Хантингтон, во муслиманските општества прирастот на населението речиси секогаш бил на 2,0 отсто, а понекогаш и 3 отсто. Споменатиот автор нагласува дека во главните арапски држави, како што се Алжир, Египет, Мароко, Сирија и Тунис, бројот на луѓето на возраст од 20 години во потрага по работа ќе расте. Според податоците на Хантингтон, објавени во 1996 година, бројот на луѓето во арапските општества што влегуваат на пазарот ќе се зголеми за 30 отсто во Тунис, за 50 отсто во Алжир и за над 100 отсто во Сирија. Семјуел Хантингтон во тогашната анализа укажуваше дека на многубројното население му се потребни ресурси и затоа луѓето во општествата со густо или брзорастечко население се насочуваат кон надвор, окупираат територии и вршат притисок врз народите со помала демографска динамичност.
Хантингтон уште тогаш нагласи дека притисокот на населението, проследен со економска стагнација, доведува до емигрирање на муслиманите во западните и другите немуслимански општества, па имиграцијата може да стане значаен проблем за оние општества што имаат помал прираст на населението.
Анализите на Семјуел Хантингтон дека младата муслиманска популација, која не може да најде соодветна работа, може да биде дестабилизирачки фактор се покажаа како точни со т.н. Арапската пролет во 2010 година, како и со сегашната мигрантска криза со која се соочува Европа.