Прилепскиот уметник Кирил Гегоски, член на ДЛУМ, деновиве се закити со наградата за животно дело на градот Прилеп. Тоа е најзначајното признание што го доделува градот во кој Гегоски повеќе од 50 години твори и создава врвни уметнички дела. Кирил Гегоски е уметник што низ годините преку различни техники, акварел, цртеж, графика, масло на платно, го претставува Прилеп, го трансформира, како што тој самиот милува да каже, прилепскиот пејзаж. Има реализирано над 30 самостојни изложби, повеќе од двесте групни, во земјата и во странство, и е добитник на голем број признанија.
За наградата за животно дело на Прилеп посочува дека е величествена.
– Сум добил многу награди, но оваа е најубавата, оти ми ја додели родниот град. Ако граѓаните во местото каде што си се родил речат дека си добар, никој не може да го побие тоа мислење, оти тоа значи дека граѓаните ме ценат. Оваа награда за мене е најсилна – вели тој.
Според него, уметноста го разубавува животот на сите, бидејќи уметникот твори за убаво.
– За уметноста може секој да рече „е, ова можам да го работам“. Но иако работам долги години, никогаш не сум рекол „добро е“. Ќе се повикам на една мисла од Матис, кој рекол: „Се трудам да направам добро, а ти само што виде, го направи подобро од моето“. Ете, тоа е. Уметноста е ликовна, таа носи лице, образ. Преку моето творештво сум оставил чист образ, чисто лице на сликата, и посакувам секој што ја гледа мојата слика да се чувствува чисто, убаво – додава уметникот.
Гегоски е препознатлив по инспиративниот цртеж, по едноставната но фантастична линија. Тој вели дека и денес, по толку години, темелот на неговото творештво е цртежот.
– Ако нема цртеж, нема темел во сликата. Приоритет во секој медиум е цртежот, кој мора да е присутен, за да тргнеш да сликаш. Борка Лазески има песна за линијата. Линијата треба да пее, како врапчето. Ако запее, иако е со молив, јаглен, туш, може да биде појака од слика со килограм боја. Сликата или цртежот е предмет, како и секој друг. Ако на сликата, на цртежот му дадеш живот, тогаш е уметничко дело. Потребно е треперење на нервот на прстите или воздухот, а ако го нема во сликата, тогаш е обичен предмет. Но ако во цртежот внесеш живот, треперење, песна, тогаш е уметничко дело, кое му враќа на гледачот, како што му пее славејчето – вели уметникот.
Приоритет во последните години од творештвото на Гегоски, како уметник, е прилепскиот пејзаж, за кој вели дека не го репродуцира туку го преобразува.
– Го трансформирам во фигурација. Кога гледачот подетално ќе ја гледа мојата слика, ќе ја почувствува фигурата, иако личи на пејзаж. Посебно сакам фигуративно женско тело. Неодамна имав изложба во Скопје и таму доминираа 11 мои македонски убавици: Вета, Илина, Даутица, Момата од Селечка… Од сите планини сум направил слики со трансформирани фигури, кои се насетуваат. Тоа ми е инспирација последните години. Стилизацијата е чиста, јасна, со убави комбинирани бои. Постојано истражувам, се надградувам. Ако се надградуваш, тогаш има успех. Потребно е уметникот да истражува. Ако нема поттик, нема да биде успешен, новото дело нема да биде подобро од вчерашното. Големиот мој пријател и колега Борко Лазески ги почитуваше моите слики, а јас него. Многу разговаравме, често велеше: „Јас сум првиот што го прикажа прилепскиот пејзаж, направив прво скалило, Ристо Лозановски е второто скалило, а ти, Гегоски, го направи третото скалило во прилепската уметност“. Горд сум на овие зборови. Но горд сум и на доделеното признание за моето творештво од родниот Прилеп – посочува уметникот Кирил Гегоски.