Како во прегратката на раскошна крошна од дрво (со книги), во пријатниот и топол амбиент на книжарницата „Литература.мк“, на улицата Македонија, беше промовиран новиот роман за деца и млади „Капут од мов“ од наградуваниот српски писател Стефан Тиќми. Магијата од оваа модерна бајка, која на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“, можеше да се почувствува во текот на промоцијата. Промоторите, уредничката Оливера Ќорвезироска и литературниот и историски теоретичар Ермис Лафазановски, ја претставија книжевната и лингвистичката, но и фолклористичката димензија на приказната.
Ќорвезироска истакна дека романот, иако е, пред сѐ, наменет за деца, сепак е книга и за возрасни, односно за чувствителни. Таа ги спореди делата на Тиќми со „Малиот принц“ и „Галебот Џонатан Ливингстон“ и со романите на Игор Коларов.
– „Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми – рече таа.
Тиќми вели дека главната порака на „Капут од мов“ е дека уметноста може да биде спас од тешката реалност.

– Дали уметноста ќе го спаси светот е тешко прашање и зависи од тоа на кое око ќе се разбудиш… Често се навраќам на разговорите на Хорхе Луис Борхес и Ернесто Сабато, кои споменуваат еден експеримент во кој човек кој штотуку заспива, постојано го буди некој. Нивната теорија е дека, на крајот, човекот што постојано го скорнува некој (и не му дозволуваат да заспие и да сонува) може да полуди. Така е и со уметноста. Соништата (изразени преку уметноста) постојат за да можеме да ја преживееме реалноста – изјави тој.
Преводот на „Капут од мов“ на македонски го направи Дејан Василевски. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ. Ова е втора книга од Тиќми објавена на македонски јазик, по популарната „Јас сум Акико“, која ја доби наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година.