Мораме да разбереме дека оваа војна ја започна Путин. Тоа беше негов избор. Ако сака, може да го заврши утре – изјави за „Anadolu Agency“ генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој изјави дека Русија треба да разбере дека нема да има победник во нуклеарна војна и дека Украина има право да се брани.
За пораката што ја сподели по средбата со претседателот на Турција, Столтенберг рече дека „двајцата се согласивме за важноста да се поддржи Украина и да се стави крај на оваа руска војна против Украина. Им се заблагодарив на претседателот Ердоган и на Турција за нивните напори и во обезбедувањето поддршка на Украина и во олеснувањето на договорот за извоз на жито од Украина. Ова помага да се намалат цените на храната и е важно за целиот свет, особено за посиромашните земји. Турција одигра клучна улога во тоа да се овозможи“.
На прашање дали има членки во НАТО кои не сакаат да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина, туку да ја пролонгираат за да се исцрпи Русија, првиот човек на Алијансата вели:
– Секако дека сите сакаат оваа војна да заврши, но мораме да разбереме што е тоа. Ова е офанзивна војна. Русија, Путин окупира друга земја. Се разбира, Украина има право да се брани за да ги врати териториите што Русија ги окупираше. Мораме да разбереме дека Путин ја започна оваа војна, тоа беше негов избор и тој може да ја заврши оваа војна утре ако сака. Во исто време, мора да разбереме дека ќе имаме мир ако Путин и Русија престанат да се борат. Ако Зеленски и Украина престанат да се борат, Украина ќе престане да постои како независна суверена нација. Затоа, имаме одговорност да ја поддржиме Украина, да и овозможиме да се бранат. Се разбира, верувам дека оваа војна во некоја фаза ќе заврши на преговарачката маса, но знаеме и дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса дефинитивно зависи од нејзината сила на бојното поле“.
Столтенберг порача дека НАТО „е најсилниот сојуз во историјата. НАТО претставува 50 отсто од светската воена моќ. Се разбира, ние сме подготвени да ги заштитиме и одбраниме сите сојузници на НАТО. Ова е за да се спречи конфликт, а не да се предизвика конфликт. Апсолутно е јасно дека Алијансата ќе одговори со основната мисија на НАТО „сите за еден, еден за сите“. Тогаш можеме да го одржиме мирот и да спречиме војна. Она што го гледаме од Русија е непромислено опасна нуклеарна реторика. Русија мора да разбере дека нуклеарната војна нема победник, дека никогаш не треба да се води и дека ќе има сериозни последици за Русија. Затоа, секоја употреба на нуклеарно оружје е нешто што Русија апсолутно треба да го спречи“.