Невладините организации велат дека зборуваат во име на дрвјата, зашто се загрижени дека државите ги сечат колку што можат побрзо
Соочени со галопирачките цени на електричната енергија и нејзините потенцијални прекини, многу европски влади ги олеснуваат правилата за сеча и ги охрабруваат луѓето да горат дрва за да ги топлат своите домови, нешто што, според активистите, претставува катастрофа за и онака ранливите шумски пространства во Европа. Научниците и невладините организации излегоа со предупредување дека трошењето поголеми количества дрва како гориво носи ризик од забрзано исчезнување на шумите и зголемување на нелегалната сеча – тврдење што индустријата енергично го отфрла како неточно.
Меѓу членките на Европската Унија (ЕУ) постои остра поделба во однос на тоа каква улога треба да имаат шумите во постигнувањето на зелените цели на Брисел. Учесниците во кампањата велат дека сечата на дрвја и монокултурни плантажи може да му наштети на биодиверзитетот и дека ќе го отежне постигнувањето на климатските цели, имајќи предвид дека шумите во моментов имаат улога на главен „прочистувач“ за јаглерод диоксид на територијата на ЕУ. Исто така, тие нагласуваат дека согорувањето кај дрвата ослободува штетни воздушни загадувачи, вклучувајќи и ситни честички, што директно се поврзува со голем број здравствени нарушувања.
Во моментов некои од најшумовитите европски земји дозволуваат зголемена дрвена сеча, за да го ублажат ударот од енергетската криза, истовремено поттикнувајќи го горењето дрва за да заштедат на пооскудните ресурси, како што е гасот, дури и ако тоа значи помала заштита на шумите. Портпаролот на Европската комисија рече дека Брисел е свесен за новинските извештаи што предупредуваат на потенцијално зголемена сеча во држави како Унгарија, но не може да потврди дека тоа на каков било начин е поврзано со енергетската криза.
Сечење на дрвјата заради заштеда на гас
Додека во Шведска и Финска нема зголемена дрвна „жетва“, проблемот станува особено акутен во Централна и Источна Европа. Во Романија, каде што повеќе од половината население веќе ги грее своите домови на дрва, Владата ги ограничи цените на огревното дрво, за да ги задржи ниски сметките за струја, мерка за која невладината ВВФ смета дека би можела да ја интензивира нелегалната сеча во шумите. Поради неуспехот во запирањето на нелегалната сеча во заштитените шумски области, ЕУ веќе води прекршочна постапка против оваа земја.
Според локалните медиумски извештаи, во текот на изминатото лето Словачка веќе регистрирала пораст на нелегална сеча и кражба на дрвја. Унгарија, пак, која е сериозно зависна од рускиот гас, во август ги укина одредбите за заштита на шумите од сеча. Портпаролот на комисијата изјави дека оваа нова легислатива „може потенцијално да биде во спротивност со правилата на ЕУ“ и дека Брисел „будно ќе ја следи имплементацијата на новите одредби“.
Летонија одобри сеча на помлади дрвја, додека литванското министерство за животна средина побара од националната шумска компанија да ја засили сечата, за зголемување на снабдувањето на земјата со биоенергија. Владата во Естонија сè уште им одолева на апелите на индустриите за зголемена дрвна сеча.
– Во Полска, „голем број луѓе“ се во акција за сечење дрвја, сакајќи да соберат доволно огревен материјал за зимата – вели Пјотр Сиергеј, портпарол на невладината организација „Полска тревога за смог“.
Лидерот на владејачката партија во земјата, Јарослав Качински, ги охрабруваше луѓето „да горат речиси сè, се разбира освен гуми и слични штетни материјали“, за да се згреат во услови на однапред најавен недостиг од јаглен, кој ќе погоди околу два милиона домаќинства.
– Невладините организации истакнуваат дека неконтролираната сеча не само што ќе ги проретчи шумите туку ќе има и големо влијание врз загадувањето, поради тоа што свежо сеченото дрво што веднаш се пали сè уште содржи големи количества влага и емитира повеќе отровни честички – вели Џудит Сего, проект-менаџерка во унгарската невладина организација за чист воздух „Левего мункаксопорт“.
Предности на сечата
Индустриските групи тврдат дека грижите на еколошките активисти се неосновани. Ирене Ди Падура, директорка за стратегија во индустриското здружение „Биоенерџи Јуроп“, тврди дека пелетите главно се произведуваат од дрвни остатоци во компаниите за преработка на дрво. Таа додаде дека станува збор за секундарна биомаса, која нема влијание врз одржливоста на шумите и дека овие ресурси никогаш порано не биле, а нема да бидат ни во иднина, двигател на зголемена шумска сеча.
Според Хенрик Велја, менаџер во естонската Асоцијација на шуми и дрвни индустрии, дрвото со низок квалитет може да се користи како замена за фосилни и руски горива, па, оттука, зголемената сеча може да се смета како потенцијално решение, а не како проблем. Замената на старите со млади шуми на долг рок ќе биде корисна и за справување со јаглеродот, што е од клучно значење во борбата против климатските промени.
Сечата во шумите е на некој начин неизбежна, сè додека владите не преземат неопходни чекори за намалување на севкупната енергетска потрошувачка, какви што се инвестирање во подобра изолација на домовите и употреба на топлински пумпи. Велја смета дека треба да се избегнува да им се плаќа на енергетските компании производството на електрична енергија од биомаса, бидејќи тоа води кон уште позасилена дрвна сеча.
Како дел од својата ревизија на Директивата за обновлива енергија, комисијата им предложи на европските членки да идентификуваат „пожелни области“ за проекти за обновливи извори и дека тие треба да се сметат за „пресуден главен интерес за да се има корист од поедноставена процена“. Зелените европратеници, како Словакот Михал Визик, кој е член на либералната група „Обнови ја Европа“, предупредуваат дека постои ризик од зголемена шумска сеча, имајќи предвид дека биомасата се смета за обновлив ресурс, па затоа се залагаат за измена на предлогот.