Посетата на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на Битола најавена за денеска, е добредојдена ако е со чесни намери, а не би сакал да верувам дека тоа е провокација, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Јас не би сакал да верувам дека е тоа провокација. Македонија е слободна земја, ние сме гостољубив народ и секој кој што е дојден со чесна, добра намера ќе биде добредојден. Ние може само да му подадеме рака и да му го направиме престојот овде што поубав без разлика дали е тоа потпретседателот на Бугарија или на некоја друга држава. Се додека има чесна намера е добредојден. Доколку нема чесна намера и доколку оваа посета се користи за политичка провокација, тогаш треба да наиде на осуда од страна на властите, на осуда на граѓаните од Битола и од сите политички и општествени чинители. Но јас сум уверен и се надевам дека посетата е од приватен карактер и е со добра намера, а не со намера да се испровоцира скандал и реакција од страна на овој мирољубив народ – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање како ја коментира посетата на бугарската потпретседателка Јотова, која доаѓа во Битола во приватна посета со сопствена агенда кога се одбележува 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
СВР – Битола соопшти дека денеска и утре на територијата на Битола и околината, која е во нивна надлежност, ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот поради денешната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и утрешната посета на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на годишнината од постоењето на РЕК „Битола“.
Мицкоски ја посети Општина Битола, каде со градоначалникот Тони Коњановски извршија увид во градежни активност на асфалтирање на Бруснички пат во населеното место Брусник.