Само 10 пати претходно тимови се пласирале во осминафинале без загубен бод во групната фаза, а сезонава тоа можат да го остварат Баерн (претходно двапати) и Наполи. Групата Д е најнеизвесна, откако секоја од четирите екипи може да се пласира меѓу 16-те најдобри тима сезонава во ЛШ
ФУДБАЛ – СЛЕДУВА РАЗВРСКА НА ПАТОТ КОН ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Совршени сезони во групната фаза на повидок, загарантирана драма во шестото коло и најнова епизода во трката со најдобар стрелец се приказните што ги издвои Европската фудбалска унија (УЕФА) за шестото коло на Лигата на шампионите (ЛШ), утре и задутре, по кое ќе бидат познати сите 16 клуба што ќе играат во осминафиналето.
Со пет победи на пет меча сезонава, Баерн и Наполи се на само еден триумф од оние најретките достигнувања: совршената групна фаза. Само десет пати претходно тимовите се пласирале во осминафинале без загубен бод во групната фаза, а Баерн може да стане првиот што ќе го направи тоа трипати, ако утре го победи Интер. Наполи, пак, може да биде првата италијанска екипа што ќе го оствари тоа, по Милан во сезоната 1992/1993, пишува УЕФА. На другата страна, Глазгов ренџерс и Плзен имаат само уште една шанса да ги освојат првите бодови сезонава, во групата А, односно Ц. Копенхаген има два бода, но допрва треба да постигне гол, пишува УЕФА.
Групата Д е особено неизвесна. Тотенхем, Спортинг, Ајнтрахт и Марсеј уште можат да го освојат врвот на табелата или да го пропуштат осминафиналето. Само Тотенхем обезбеди барем трето место во групата и со тоа најмалку пласман во Лига Европа. Тотенхем со реми на мечот со Марсеј ќе се пласира во осминафиналето на ЛШ, со победата би бил прв во групата. На Спортинг му треба само дел од пленот дома на мечот со Ајнтрахт за да биде меѓу 16-те најдобри тима сезонава. Првото место треба да се решава и во групите А, Б, Ф и Х.
Во водство на листата на стрелците во Лигата на шампионите сезонава се Килијан Мбапе и Мохамед Салах, со по шест гола, а Роберт Левандовски и Ерлинг Холанд имаат по еден погодок помалку. Потоа следуваат шестмина со по четири гола, меѓу нив и шесткратниот најдобар стрелец во Лигата на шампионите, Лионел Меси.
По пет кола, во осминафиналето се 12 тима, и тоа Баерн, Челси, Манчестер сити (го обезбедија првото место во своите групи), Бенфика, Клуб Бриж, Борусија Дортмунд, Интер, Ливерпул, Наполи, Пари сен Жермен, Порто и Реал Мадрид, за преостанатите четири места во трка се Тотенхем, Ајнтрахт Франкфурт, Марсеј и Спортинг во групата Д, Милан и Салцбург во групата Е, како и Лајпциг и Шахтер во групата Ф, а во Лига Европа продолжуваат Барселона и Севилја. Седум тима не можат да стигнат до осминафиналето на ЛШ сезонава, но можат да го освојат третото место, и тоа Ајакс, Атлетико Мадрид, Динамо Загреб, Јувентус, Баер, Макаби Хаифа и Глазгов ренџерс.
Ждрепката за осминафиналето, која треба да се влече во Нион, на 7 ноември, ќе биде полудиригирана, што значи дека меѓу себе нема да играат првопласираните во групите, потоа тимови од иста земја, како и тие што веќе се сретнаа во групната фаза сезонава.
ДВОЈКИ, 6. КОЛО
УТРЕ
Група А: Ливерпул (12) – Наполи (15), Ренџерс (0) – Ајакс (3)
Група Б: Порто (9) – Атлетико (5), Баер (4) – Клуб Бриж (10)
Група Ц: Баерн (15) – Интер (10), Плзен (0) – Барселона (4)
Група Д: Спортинг (7) – Ајнтрахт (7), Марсеј (6) – Тотенхем (8)
СРЕДА
Група Е: Челси (10) – Динамо З. (4), Милан (7) – Салцбург (6)
Група Ф: Реал М. (10) – Селтик (2), Шахтер (6) – Лајпциг (9)
Група Г: Манчестер С. (11). – Севилја (5), Копенхаген (2) – Борусија Д. (8)
Група Х: Јувентус (3) – ПСЖ (11), Макаби Х. (3) – Бенфика (11)
во заградите се освоените бодови по пет кола