Зголемените цени на енергентите, високата инфлација и постојаниот раст на бројот на универзитетски студенти создадоа станбена криза меѓу младите во Европа. Со оглед на сегашната економска состојба, многумина од нив се вратија повторно да живеат со своите родители, пренесува „Еурактив“
Во ЕУ тенденција за прекинување на одвоениот живот на помладите европски граѓани и повторно започнување живот во заедница со родителите
Низ Европа, помладите генерации се соочуваат со станбена криза. Покрај покачувањето на цените, бројот на студенти продолжува да се зголемува многу побрзо од изградбата на живеалишта, а конкуренцијата за поволно домување е посилна од кога било, особено во урбаните средини. Манон Дешајес, политичка службеничка за социјално и економско вклучување од Европскиот младински форум, за јавноста изјави дека со сегашната економска перспектива, многумина немаа друг избор освен да се вратат да живеат со семејството.
Една од причините за повторно живеење во заедница е континуираниот раст на цените
Зголемувањето на цените може да се види низ целиот континент. Париз води во цените – 29,10 евра за квадратен метар месечно за станбено изнајмување, според студијата на „Делоит“, во август 2022 година, во споредба со помалку од половина од тоа што го барале станарите во Брисел за 14,1 евра за квадратен метар месечно. Во меѓувреме, градовите во кои се сместени многу студенти во Холандија, како Хаг и Ротердам, забележаа зголемување и до 6,7 и 9,7 отсто минатата година, објави „Делоит“.
Австрија, исто така, се најде тешко погодена од кризата. Кириите се зголемија за 16 отсто во текот на изминатата година и за 40 отсто во изминатите десет години поради отсуството на структурна реформа за контрола на киријата. Слично, во Италија, со просечна годишна плата на млад возрасен под 35 години од околу 10.000 евра, „тешко е да се одржи кирија што, на пример во Милано, може да чини до 600 евра месечно“, изјави претседателката на Националниот младински совет, Марија Кристина Росарија Писани, за „Еурактив“.
Домувањето на студентите е особено тешко
Од кризата трпат и универзитетските студенти. Младите Белгијци честопати се одлучуваат да останат во семејниот дом или дури и да се вратат откако ќе заминат од него, поради што се нарекуваат „бумеранг-генерација“. Во Холандија недостигот од станови за студенти достигна алармантни рекорди. Според податоците од платформата за изнајмување РУМ, студентите што сакаат да изнајмат од здружението за домување во Лајден, во просек се на листа на чекање шест години и девет месеци. Во Амстердам, Делфт и Вагенинген, студентите што се регистрираат за соба или студио чекаат од пет до пет и пол години, објави холандскиот медиум РТЛ њуз.
Француските студенти се соочуваат со слични проблеми. Студентската популација во Франција постојано се зголемува од 2,3 милиони во 2010 година на 2,8 милиони во 2020 година, според француската статистичка агенција, со дополнително нето-зголемување од 162.000 студенти, што се очекува само за 2022 година. Поради трошоците, студентите се принудени да живеат надвор од центрите на градовите, меѓутоа веќе не можат да си дозволат да живеат и на периферијата, каде што се помалку развиени општествените мрежи и мрежите за поддршка, а имаат и повисоки транспортни трошоци, откри водечката левичарска студентска организација УНЕФ.
Тешко се купува нов простор за живеење и престојување
Ако изнајмувањето станува потешко да се обезбеди, купувањето имот едноставно не е опција, што има пошироки општествени ефекти, се вели во белешката за политика од почетокот на оваа година на Гонзало Паз-Пардо, висок економист во Европската централна банка. Тој додава дека исклучувањето на младите од станбениот пазар може да ги наруши нивните одлуки за почнување брачен живот и основање семејство, а стапките на сопственост се директно поврзани со силата на локалните заедници, општествениот капитал и политичкиот ангажман.
Има ли решение за проблемот што доаѓа?
Белгиските провинции работеа на наоѓање можни решенија за проблемот. На 1 октомври, фламанскиот парламент објави итно замрзнување на киријата, или индексирање, за имоти со недоволна енергетска ефикасност. Во Португалија, претседателот на Националниот младински совет верува дека треба да има решенија како „ограничување на кириите, отстапки за младите што избираат да живеат во големи урбани центри и повеќе инвестиции“. Германската влада, исто така, работи на решенија и како приоритет ја стави станбената криза. Во коалицискиот договор, либералите, социјалдемократите и зелените ги истакнаа плановите за изградба на 400.000 нови стана годишно, од кои 100.000 ќе бидат јавно финансирани. Сепак, за ова може да биде премногу доцна. Извештајот на фондацијата „Ханс Беклер“ од 2018 година покажа дека во поголемите градови има недостиг од 1,9 милион станови со поволни цени.
Заложби на владите на државите-членки на ЕУ, како и на ЕУ- администрацијата
Француската влада минатиот јуни објави дека ќе го ограничи зголемувањето на киријата за 3,5 отсто за цела година, што им е од помош на студентите, тврди УНЕФ. Наместо тоа, организацијата повикува на создавање универзална финансиска помош од 1.110 евра месечно. Што се однесува до планот на Владата за изградба на 60.000 нови студентски станови меѓу 2018 и 2022 година, „само 36.000 беа изградени до крајот на 2021 година“, изјави ФАГЕ, друга студентска организација.
Во Полска има малку обиди за решенија поддржани од државата. Ева Андрушкевич, активистка од Здружението на станари од Варшава и пензионирана новинарка, истакнува дека државата ги стави сите станови во рацете на приватните градежни фирми. Интересот е поважен од жителите, на кои нема што да им понуди. Во Полска не постои изградба на станови со евтина цена барем за млади луѓе.
Друго прашање е корупцијата, која најјасно е видлива во Албанија. Се проценува дека повеќе од 700 милиони евра недозволени средства влегуваат во земјата секоја година, а во последните три години, околу 1,6 милијарда евра биле префрлени во градежништвото, при што Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИТОЦ) во 2020 година забележала дека новите станбените или комерцијални градби биле популарен начин за перење пари. Тоа, во комбинација со зголемените трошоци за суровините што се користат во градежништвото, доведува до цени до 5.000 евра за квадратен метар за купување, што, пак, придонесе за целокупно зголемување на киријата и набавните цени од најмалку 40 отсто.
Некои млади Европејци веруваат дека Европската Унија (ЕУ) треба да обезбеди пристојно домување за сите, според извештајот објавен од Фондацијата за европски прогресивни студии и „Тинк јанг“.
Подготвил: Mарјан Велевски