По добиената закана за поставена бомба во автобус ЈСП „Скопје“, проверени се над 120 автобуси во кои нема ништо и тие се пуштени да функционираат, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагата во врска со дојавата за поставена бомба во градски автобус, Спасовски изјави дека очекува во текот на денот истрагата да биде завршена целосно и во ЈСП „Скопје“ и во превозните средства, со цел, како што рече, да бидеме сигурни дека нема ништо и граѓаните да бидат безбедни.
– Во тек е истрагата во однос на дојавата, испратениот мејл од вработен од ЈСП „Скопје“. Лицето е приведено и со него работат надлежните служби, а паралелно трае и антитерористичката проверка. Состојбата е под контрола, истрагата тече, ќе се обезбедат сите потребни докази што се во овој дел и понатаму ќе информираме – изјави министерот Спасовски, за време на паузата од годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија (2021-2026) во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува денеска во Скопје.