Објавена „Втора филипика“ од Марк Тулиј Цицерон

Деновиве од печат излезе книгата „Втора филипика“ од Марк Тулиј Цицерон. Ова е трет наслов во едицијата „Арго“ на издавачката куќа „Или-или“, по објавувањето на „Вистинска приказна“ од Лукијан од Самосата и „Медеја“ од Сенека. Преводот од латински на македонски јазик е на Светлана Кочовска Стевовиќ, а излегувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.
Марк Тулиј Цицерон е најистакнатиот претставник на римското беседништво. Неговите беседи против Марк Антониј се создадени во периодот меѓу 44 и 43 год. пр. н.е. Насловот „Филипики“ го добиле од самиот автор по углед на истоимените беседи што грчкиот оратор Демостен ги одржал против Филип Втори.
„Втората филипика“ се издвојува од другите „Филипики“ по обем, а и по тоа што во неа Цицерон го напаѓа Марк Антониј многу пожестоко и поостро отколку во другите беседи од истиот корпус. Со оглед на тоа што Цицерон оваа беседа никогаш не ја изговорил јавно, таа е инвектива во пишан облик или политички памфлет структуриран како инвектива.