Со почетокот на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, организаторите на шампионатот, кој првпат ќе се игра во три држави, ја промовираа маскотата на првенството. Австрија, Шведска и Норвешка заеднички одлучија маскота на првенството да биде рис.
Тој уште нема име, а одговорните најавија дека наскоро ќе понудат имиња за маскотата за кои ќе може да се гласа на социјалните мрежи.
Покрај тоа што ЕП 2020 ќе биде прво што ќе се игра во три држави, на него првпат ќе учествуваат 24 репрезентации, наместо досегашните 16. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции во осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните, со тоа што при финалното рангирање ќе им се сметаат само резултатите од дуелите со двете најдобри селекции во групата.
Директен пласман обезбедија домаќините, како и европскиот првак од ЕП 2018, селекцијата на Шпанија.