Сакаме две победи за да бидеме подготвени за Португалија. Ова е нов циклус квалификации, но за нас идејата и целта остануваат исти, вели левиот бек Талески, пред дуелите денеска со Луксембург дома и в недела со Турција на гости
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Македонската ракометна репрезентација со дуел вечерва со Луксембург, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (од 19 часот), ги почнува квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. В недела е и мечот со Турција, на гости. Во групата 1 е и репрезентацијата на Португалија. Квалификациите потоа се играат во март (два меча со Португалија, прво дома) и во април в година (на гости со Луксембург, дома со Турција). Двете најуспешни селекции од секоја од осумте квалификациски групи патуваат на ЕП 2024 заедно со четирите најдобри третопласирани репрезентации. Домаќинот Германија и носителите на медали од ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска, директно обезбедија учество на првенството.
Црвено-жолтите ќе бидат во видно изменет состав, без неколку поранешни клучни играчи.
– Ова е нова репрезентација на Македонија, сосема различна од претходната. Ги нема Миркуловски, Стоилов, Лазаров. Подмладени сме, но имаме и неколку поискусни играчи. Нема да ги потцениме нашите ривали. Фаворити сме на хартија против Луксембург, но тоа треба да го оправдаме. Турција е незгодна репрезентација. Имаат амбиција за напредок. Ќе играме во Ван, каде што очекуваме полна сала – вели селекторот Кирил Лазаров, кој за три месеци ќе дебитира на оваа функција и на Светското првенство во Полска и во Шведска, каде што Македонија е во група со Норвешка, Аргентина и со Холандија.
Македонија досега настапила седум пати на ЕП, на шест во низа. Со ривалите во овие квалификации се има сретнато и претходно во квалификации за ЕП. Хендикеп за мечот со Луксембург ќе претставува отсуството на левото крило Дејан Манасков поради нецелосно санирана повреда добиена на првенствен дуел, а неизвесен ќе биде и настапот против Турција.
– Во денешниот ракомет нема фаворити. Треба да бидеме фокусирани, да си ги изработиме нашите задачи. Сакаме две победи, за да бидеме подготвени за Португалија. Ова е нов циклус квалификации, но за нас идејата и целта остануваат исти. Време е младината да го понесе тој товар – вели левиот репрезентативен бек Филип Талески.
Според Ракометната федерација на Луксембург, ракометарите на Луксембург вчера од Финдел преку Виена околу пладне беше предвидено да слетаат во Скопје, а попладнето да го одржат и првиот тренинг.
Г.И.
ГРУПА 1
Македонија – Луксембург 19 ч.
Португалија – Турција утре, 20.30 ч.
Турција – Македонија недела, 16 ч.
Луксембург – Португалија недела, 16 ч.