ФУДБАЛ
Тоа е неверојатно оружје за нас, голема закана. Јас сум многу задоволен, рече тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, за „Би-би-си“
Ерлинг Холанд го собори рекордот за најбрзо постигнување 15 гола во англиската фудбалска Премиер-лига, во саботната победа на Манчестер сити со 4-0 на мечот со Саутемптон. Тој сега има 20 гола на 13 средби за Сити во сите натпреварувања. Всушност, постигнувањето „само“ еден гол во неговиот деветти настап во англиската лига го намали неговиот просек на голови во лигата од 1,75 на 1,67, пишува „Би-би-си“. Тој стана само вториот играч на Сити, по Серхио Агуеро во 2019 година, кој постигнувал гол во седум настапи по ред во Премиер-лигата, а летното засилување од Борусија Д. веќе го изедначи бројот на голови на нивниот најдобар стрелец во сезоната 2021/2022 за освојување на титулата, Кевин де Брујне.
– Постигна брилијантен гол. Тоа е неверојатно оружје за нас, голема закана. Јас сум многу задоволен – рече тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, за „Би-би-си“.
Други рекорди сезонава се: најмногу голови во првите 10 меча во Премиер-лигата, првиот што постигнал хет-трик на три меча по ред дома во Премиер-лигата, веќе ги урна рекордите за брзина на постигнување голови во Лигата на шампионите (ЛШ), 28 на 22 натпревари, што не само што е рекорд за голови во првите 22 меча на еден играч туку и за првите 30 натпревари во ЛШ, надминувајќи го Руд ван Нистелрој (стариот рекорд за голови во првите 22 меча во ЛШ беше 18 на Хари Кејн). Тој со двата гола во победата над Севилја стана првиот што постигнал повеќекратни голови на деби-мечевите во ЛШ за три различни клуба (претходно хет-трик за Салцбург и два гола за Борусија). Холанд е и најмладиот со 25 гола во тоа натпреварување, а е рекордер за најмалку потребни натпревари во ЛШ за да постигне 10, 15 и 20 гола…
Од претходните рекорди, Холанд е единствениот што постигнал гол на своето деби во Борусија Д. во Бундеслигата, Купот на Германија и во ЛШ (како и во Суперкупот на Германија), првиот што постигна хет-трик на своето деби во Бундеслигата како замена (влезе во игра по 56 минути), му требаа 50 натпревари за да ги постигне своите први 50 гола во Бундеслигата, што е, исто така, рекорд и со 21 година беше најмладиот играч што постигнал толку многу…
Кои рекорди може да ги собори? Холанд може да го собори рекордот за голови во една сезона во Премиер-лигата ако продолжи вака. Рекордот е 34 гола на Енди Кол во сезоната 1993/94 и на Алан Ширер следната сезона. На Холанд му требаат „само“ 20 гола во следните 29 средби за да го собори тој рекорд, пишува „Би-би-си“. Никој не ја освоил „златната копачка“ во Премиер-лигата со резултат од еден гол на натпревар или повеќе. Најблиску беше Кејн со 29 гола на 30 меча во сезоната 2016/2017. Ќе треба да продолжи да постигнува голови со приближно ова темпо ако сака да стане најдобар стрелец во една сезона во историјата на англиската врвна лига. Дикси Дин постигна 60 гола на 39 натпревари од Првата дивизија за Евертон во 1927/28, а Том Воринг е втор со 49 гола за Астон Вила во првата лига во сезоната 1930/31. Рекорд за врвните пет европски лиги се сензационалните 50 гола на Лионел Меси во шпанската Ла лига во сезоната 2011/2012. Во трката за најмногу голови на играч на Сити во една сезона во сите натпреварувања, Холанд е веќе на 52 отсто до тој рекорд (38 гола на Томи Џонсон во сезоната 1928/29). Рекордот за голови во ЛШ во една сезона може да биде потежок да се постигне, Кристијано Роналдо постигна извонредни 17 гола на 11 меча во сезоната 2013/2014, но во моментната форма (пет гола во три меча во ЛШ) Холанд би го соборил тој рекорд ако Манчестер сити стигне до полуфиналето и тој го игра на секој натпревар, пишува „Би-би-си“.
Некои други рекорди… Најмногу голови постигнати од еден играч во календарски месец беа 10-те на Луис Суарез во декември 2013 година. Холанд има четири во октомври. Најмногу голови постигнати во првите 20 натпревари во Премиер-лигата од еден играч се 19 на Кевин Филипс, а на 30 натпревари 28 на Кол, кој има и рекорд со најмалку потребни натпревари за да постигне 30 гола во Премиер-лигата (32). На Ширер и на Кол им беа потребни по 45 меча за да постигнат 40 гола. Џејми Варди го има рекордот за постигнати голови во најмногу последователни натпревари во Премиер-лигата со 11. Холанд сега е на седум. Ширер постигна рекордни пет хет-трика во сезоната 1995/1996, Холанд веќе има три. Во ЛШ, Ван Нистелрој има рекорд за најмалку настапи за 30 гола (34) и за 35 гола (42). Ако Холанд постигне уште седум гола, тој би ги соборил или израмнил и тие рекорди, пишува „Би-би-си“.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Неколку екипи со победи можат да станат осминафиналисти по четири кола
Неколку екипи веќе го имаат на повидок осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите пред мечевите од четвртото коло неделава. Така, со победи пласманот меѓу 16-те најдобри екипи можат да го обезбедат Наполи, Клуб Бриж, Реал Мадрид, Манчестер сити… Со победи и со помош на други резултати, пак, тоа можат да го сторат и Баерн, Интер, Борусија Дортмунд и ПСЖ или Бенфика. По првите три кола, пет тима имаат стоотстотен ефект, и тоа Наполи, Баерн, Манчестер сити, Реал Мадрид и Клуб Бриж. Двојките за четвртото коло се истите како и во третото, со сменети домаќинства.
ЛШ, 4. КОЛО
ВТОРНИК
Група Е: Динамо – Салцбург, Милан – Челси
Група Ф: Шахтер – Реал Мадрид, Селтик – Лајпциг
Група Г: Копенхаген – Манчестер с., Борусија Д. – Севилја
Група Х: Макаби Х. – Јувентус, ПСЖ – Бенфика
СРЕДА
Група А: Наполи – Ајакс, Ренџерс – Ливерпул
Група Б: Атлетико – Бриж, Баер – Порто
Група Ц: Барселона – Интер, Плзен – Баерн
Група Д: Тотенхем – Ајнтрахт, Спортинг – Марсеј