До почетокот на 22-то Светско првенство во фудбал во Катар, „Нова Македонија“ ќе ви претстави некои од најзначајните моменти од минатите изданија на најпопуларниот спортски настан во светот

ВО ПРЕСРЕТ НА 22-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ ВО КАТАР (2)

На „Конте Верде“, италијанскиот параброд, му беа потребни повеќе од две недели за да стигне до Монтевидео во 1930 година. На бродот беа романските, француските, белгиските и бразилските репрезентативци, тројца судии и блескавиот нов трофеј за светското првенство. Човекот што ја носеше таа награда беше Жил Риме, претседателот на ФИФА, и за него патувањето до таа точка траеше многу подолго од само две недели. Риме, основачот на светските првенства во фудбал, е претседател со најдолг стаж во историјата на ФИФА, 33 години, а доби и номинација за Нобеловата награда за мир

Пред 101 година, Светската фудбалска федерација (ФИФА) го избра својот трет претседател, кој ќе стане лидер со најдолг стаж во историјата на организацијата, 33 години, а доби и номинација за Нобеловата награда за мир. Но и покрај сите многубројни достигнувања, Жил Риме (14.10.1873 – 16.10.1956)) најдобро се памети како татко на светските фудбалски првенства, пишува ФИФА на својата интернет-страница.

Иако страстен по спортот, Риме, син на француски трговец, не бил извонреден фудбалер. Тој, сепак, имаше доживотна фасцинација со организацијата на играта и уште од рана возраст се посвети на создавање можности за другите да играат.
На 24 години, тој помогна во основањето на парискиот клуб Ред стар, а во годините што следуваа стана претседател прво на првата национална лига на Франција, а потоа и на Француската фудбалска федерација (ФФФ) и беше клучен во основањето на двете организации.

СП НЕ ДОБИ ВЕДНАШ ПОДДРШКА

На „Конте Верде“, италијанскиот параброд, му беа потребни повеќе од две недели за да стигне до Монтевидео во 1930 година. На бродот беа романските, француските, белгиските и бразилските репрезентативци, тројца судии и блескавиот нов трофеј за светското првенство. Човекот што ја носеше таа награда беше Жил Риме, претседателот на ФИФА, и за него патувањето до таа точка траеше многу подолго од само две недели.

Помина една деценија од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Антверпен (Белгија) во 1920 година, кога Французинот првпат ја изнесе идејата за организација на светско првенство во фудбал.

По неговиот избор за претседател на Светската фудбалска федерација следната година, Риме, инспириран од идејата за обединување и за помирување на нациите преку спортот, и фрустриран од исклучувањето на професионалните фудбалери од олимписките турнири, го изнесе овој предлог со обновена енергија.

Но тој не беше без противници. Во рок од една година од преземањето на улогата во ФФФ, Риме беше ставен на должност во ФИФА во 1920 година и, на Летните олимписки игри во Антверпен таа година, ја претстави својата долгогодишна визија за одржување меѓународен турнир секои четири години. Сепак, неговата идеја не најде универзално признание.

Колку и да изгледа извонредно сега, Светското првенство не беше универзално, па дури и широко поддржано во неговата формативна фаза, и беше потребно до 1928 година, седум години откако беше потврден за претседател на Светската фудбалска федерација, Риме да ја собере потребната поддршка. Дури и тогаш, раните изданија на турнирот не беа без проблеми, бидејќи бојкотите, а потоа и Втората светска војна ја загрозија неговата иднина, пишува ФИФА.

На Риме му требаше до 1928 година да ја собере потребната поддршка за да усвои предлог на Конгресот на Светската фудбалска федерација со кој ќе се изјасни дека овој нов глобален турнир треба да почне во 1930 година и да се организира секои четири години. Дури и тогаш, изборот на Уругвај за домаќин, поттикнат од победите на таа репрезентација на претходните два фудбалски турнири на летни олимписки игри, и од понудата на земјата да ги покрие патните трошоци на репрезентациите, доведе до тоа многу европски земји да го бојкотираат турнирот, пишува ФИФА.

Сепак, ентузијазмот со кој беа дочекани Риме и репрезентациите, како и добро посетените натпревари од висок калибар што следуваа, доведоа до тоа првото Светско фудбалско првенство да биде прогласено за голем успех. Овој планетарен турнир за кој многу се дебатираше продолжи, се разбира, не само за да преживее туку и да напредува, со целосно оправдување на визијата на Риме.

ПОЧИТ И ПРИЗНАНИЕ

Риме остана непоколеблив во остварувањето на својата визија, а неговата посветеност на зближување на нациите преку спортот доведе до тоа да биде номиниран за Нобеловата награда за мир во 1956 година, пишува ФИФА. Кога Риме се повлече од ФИФА во 1954 година, на 80-годишна возраст, тој се погрижи едно од неговите последни дејства како претседател на ФИФА да биде да му го предаде тој познат трофеј петти пат на победникот, на Светското првенство во 1954 година.

Признанието за неговата улога во развојот на турнирот дојде неколку години порано, кога трофејот, кој Риме го носеше во својата торба на пат кон Уругвај во 1930 година, беше преименуван во негова чест. Тоа беше соодветна почит на човекот што побара од скулпторот Абел Лафлер да го креира пехарот, забележувајќи, повторно со извонредно предвидување, дека златото треба да се користи за да го симболизира Светското првенство, „да стане најголемиот спортски настан во светот“. Г.М.


ЗАНИМЛИВОСТИ

  • Првите два меча на светските првенства (СП) се одржаа истовремено, Франција го совлада Мексико со 4-1, а САД ја победија Белгија со 3-0, во Монтевидео (Уругвај), на 13 јули 1930 година.
  • Стрелец на првиот гол на светските првенства е Лусиен Лоран од Франција, во 19. минута на мечот со Мексико.
  • Најбрзиот хет-трик (три гола) на СП го постигна Ласло Киш од Унгарија на мечот со Салвадор на СП 1982, кога погоди во 70., 74. и во 77. минута и тој е и единствениот фудбалер што влегол во игра од клупата за резерви и постигнал хет-трик.
  • Првото СП во 1930 година се играло без квалификации, со поканети репрезентации, па првиот квалификациски натпревар е Шведска – Естонија на 11 јуни 1933 година, во циклусот за пласман на СП 1934.
  • Првото финале во кое се играле продолженија е тоа на СП 1934, Италија – Чехословачка (2-1), на 10 јуни 1934 година. Продолженија во финале се играни и на СП 1966 (Англија – Германија 4-2), СП 1978 (Аргентина – Холандија 3-1), СП 2010 (Шпанија – Холандија 1-0) и на СП 2014 (Германија – Аргентина 1-0), а две финалиња се решени на пенали, на СП 1994, Бразил – Италија (победи Бразил) и на СП 2006, Италија – Франција (победи Италија).
  • Бразил е единствената репрезентација што играла на сите светски првенства досега.