Нов сет на мерки со кои ќе им се помогне на најранливите категории граѓани најави на прес-конференција, премиерот Димитар Ковачевски. Дел од овие мерки мора да поминат и собраниски филтер, односно да бидат изгласани од пратениците.
По 3.000 денари за четири месеци, или вкупно 12 илјади денари ќе добијат околу 42 илјади граѓани приматели на социјала помош, луѓе со попреченост, родители на деца со попреченост кои имаат до 26 години, оние кои земаат помош за нега, луѓе со потешки заболувања, самохрани родители корисница на минимална помош, невработените, за што се одвоени над 8 милини евра.
Вкупно 6.000 денари за 4 месеци, или по 1.500 месечно ќе има за пензионерите кои зимаат 11.525 денари пензија, а такви има околу 91 илјада пензионери. Помош од вкупно 3.000 денари ќе добијат и пензионерите што зимаат од 11.525 до 14 илјади денари пензија. Во таа група има околу 66 илјади пензионери.
Владата ќе обезбеди и помош за образовните и јавните здравствени установи. Школите ќе бидат на регулиран пазар на струја, за што се обезбедени милион евра. А јавните здравствени претпријатија ќе набавуваат струја од ЕСМ по далеку пониска цена од берзанската.
Ќе има и струја за мерни станици на пумпи за вода, по поволна цена од берзанската, за да не останат без вода граѓаните кои се снабдуваат со пумпи.
Најавена е и помош за приватниот сектор, со поповолни кредити, субвенционирање на проекти за енергетска ефикасност и забрзан поврат на ДДВ.
-Никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно – рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.
И Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши очекуваат дека сите пратеници ќе ги усвојат измените што ќе овозможат помош за пензиоенрите и за ранливите категории граѓани, но и реализирање на сите останати мерки за справување со енергетската и ценовната криза.
-Очекувам и верувам дека сите пратеници ќе бидат на ниво на задачата и ќе ги усвојат измените што значат помош за пензиоенрите и ранливите категории граѓани – истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата.
Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање за растот на цените на храната и производите истакна дека Владата веќе разговара и прави анализи за поддршка на производствените компании на основни производи кои ги користат граѓаните со таргетирани мерки.
Премиерот посочи дека со министерот за економија, министерот за финансии и со ММФ во моментот се разговара за таргетирани мерки во однос на индустриите кои што произведуваат основни прехранбени производи и поврзани производи со основните производи кои што ги користат граѓаните. Целта на овие мерки е да се интервенира како помош во енергенсите и електричната енергија која што тие ја користат, но само под услов доколку дојде до намалување на цената на овие основни производи кои што излегуваат од нивото производство.
-За таа цел и вчера и денес со министерот за економија работевме, разговаравме и со производителите, разговаравме и со претседателот на Стопанската комора и се надевам дека во наредните недела, две недели ќе можеме да дојдеме до решение кое што ќе биде прифатливо за производителите кое што ќе овозможи субвенционирање на енергенсите за нив, меѓутоа и кое што ќе овозможи намалување на цената или пак не зголемување понатамошнa на цената на основните прехранбени производи. Значи и на тоа се работи, меѓутоа мора сите да разбереме дека влезните импути во производствениот процес се зголемени над 70% на светските берзи, а житото, пченицата и пченката се берзански производи – рече Ковачевски.
Премиерот рече дека цените на житото и на енергенсите кои се берзански производи се зголемени во цел свет и дека инфлацијата кај нас потекнува целосно од истите фактори од кои потекнува инфлацијата во европските земји.
-Ние на почетокот пристапивме со замрзнување на цените меѓутоа замислите ако замрзнатите цена под трошоците на производството, тогаш веднаш ќе се јави недостаток на храна во државата, затоа гледаме дека секаде има зголемување на цените на храната во цела Европа па дури и во целиот свет, и оние кои што зборуваат за висината на инфлација во Република Северна Македонија, визави висината на инфлација во другите држави, ќе сфати од последните извештаи, дека се работи за комплетно иста инфлација која што потекнува од истите фактори на целиот европски континент – рече Ковачевски.