Фото: Принтскрин/Видео Прес-конференција

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека средбата со компанијата за природен гас што му ја посочи Христијан Мицкоски се одржала во Белград.

Се работи за претприемачи од Србија, БиХ и Словенија, а гасот, како што рече, доаѓа од „Газпром“.

-Бев во Белград. Се сретнав со претставници на компанијата која е регистрирана во Швајцарија. Може да ја обзнани Мицкоски, тоа не е моја работа. Се работи за претприемачи од Србија, БиХ и Словенија и за гас кој доаѓа од „Газпром“ – истакна Бектеши на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој информира и дека втората компанијата што ја посочи Мицкоски, за набавка на мазут, е од БиХ, како и дека се уште се очекуваат нејзините понуди.

-Најважно од се е да се достават контрабанкарски гаранции за испорака и цена, како и да се почитуваат нашите законски одредби. Кога понудите ќе ги имаме, ќе ја известиме јавноста дали ќе бидат прифатливи или зошто не се – потенцира Бектеши и дополни дека Владата ќе направи максимални големи напори за да обезбеди континуитет во снабдувањето со природен гас по најниски цени.