Емељ Туна може да се види речиси на сите културни настани во Скопје. Голем вљубеник во пишаниот збор, но и на уметноста општо, како основна клетка на живеењето. Родена е 1977 година во Скопје. Има дипломирано на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, а магистрирала и докторирала на шведскиот земјоделски универзитет од Упсала. Работи како вонреден професор на Институтот за агроекономика, на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Авторка е на четири збирки поезија „Хоризонти“ (1998), „Паралелни светови“ (2002), „Бујрум ако смееш, прочитај ја тишината“ (2021) и „Чудна пролет ќе ти раскажам“ (2022). Учествувала на повеќе поетски натпревари и манифестации на кои е добитник на неколку награди и признанија. Нејзината поезија е дел од поетски монографии како „Астални проекции“ и „100.000 Поети за промена“.
Тишината често е погласна од зборовите. Кога вреди да бидеме погласни од тишината?
– Без зборови! Последниве години се удавивме во вртлози на шупливи празнини. Се загушивме во воведи и празни предговори и сѐ поретко ги затвораме очите за во себе да наслушнеме зашто понекогаш во тишината ги има сите одговори. Мојата тишина беше гласна и траше многу години, некаде околу петнаесетина, или токму толку колку што не излегуваа зборовите во песни. Период во кој се случуваа образувања, надобразувања, пречекувања, испраќања, период во кој се случуваше животот во сите негови бури, растења, радости и таги. Имаше толку многу нешта што не можев да ги речам, толку многу зборови што да излезат во прстиве морав да ги спречам и во сето тоа имаше внатрешно стишување и наталожено тихување. И сето тоа мораше еден ден да излезе, и излезе во вид на насловната песна на книгата „Бујрум ако смееш прочитај ја тишината“ издадена во 2021 година. Еден голем дел од поезијата напишана по периодот на поетска пауза и беше посветен токму на силуваната тишина и на ослободувањето на дивиот дел од духот, кој требаше да созрее за да може целосно да ужива во себе и во слободата на својот збор.
Велите „големите не знаат кротко, тивко и полека да љубат“. Како љубат големите?
– Големи за мeне се оние луѓе со коишто се чувстуваш комотно, зашто тие се комотни со другите, со светот и во својата, сопствена кожа. Таквите? Таквите љубат без точки, запирки, прашалници и услови, без мрежи и позадини. Играат со големи влогови, па или многу добиваат или уште повеќе губат и никогаш не гледаат наназад и не се каат за своите избори. Тие се вложуваат целосно и затоа не признаваат средини, бидејќи тие се големи за себе, не затоа што тоа го очекуваат од нив другите. Големините им се гледаат во сјајот на очите, во пасент измерената големина на прегратката и светлината што на калапот на душата им одговара. Тие луѓе се и номади, но и домот во којшто можеш да се вратиш по сите битки што ти се извојувани, но и по оние што ти биле изгубени. Во нив се враќаш како победник зашто тоа се луѓето што по твојата мерка се (не)токму скроени. Тоа се твоите (моите) луѓе, луѓето што во големината ни се тамам – луѓе големи.
„Одново како деца да се запознаваме“. Колку може човекот себе одново да се запознава? Како другиот одново се запознава?
– Секој ден растеме, се омалуваме, дознаваме и се осознаваме… се преобликуваме. Секој човек што го запознаваме, секое место на кое ќе се најдеме, секоја случка, смрт и раѓање нѐ менува и ни го менува местото од кое што го гледаме светот и нашата улога во него. И некои од нас извлекуваат поуки, се собираат од подот или од небото и продолжуваат како подобри верзии од себе. И да, на сите понекогаш ни е премногу од тоа да глумиме возрасни, стабилни личности, па затоа понекогаш во поезијата си замислувам, како би изгледало да можеме да заборавиме кои сме и сѐ што еден за друг мислиме дека знаеме, и повторно да се запознаеме со луѓето за кои со години сме имале погрешни слики и предрасуди. Да ги одлепиме сите етикети што сме си ги залепиле и ни ги залепиле за да нѐ гушат и да не ни даваат да живееме како што би живееле кога би биле деца, без големи и важни ограничувања и со сите можности и патишта отворени. Од време на време на сите ни требаат празни страници и чисти почетоци. Понекогаш на сите ни треба на крајот на покривот на мечтите да седиме и одново деца да сме, и меѓу себе и со себе да се запознаваме.
Секој, на несвесно ниво, сака да твори како авторите што му се омилени. Чувствувате ли влијанија во вашата поезија? И ако да, од кого, и зошто баш од тој/таа?
– Секогаш во позадина се прашував како ќе ми изгледаше животот да направев поинакви избори и наместо земјоделските (агроекономските) науки, да одберев да го студирам она што исто така многу го сакав – книжевност. Иако мојата професионална определба беше поинакваа од она што во најголем дел го читам во биографиите на поетите и писателите, многу ми е мило што на некој начин добив шанса барем со еден дел од мене да бидам мал дел и од овој поетски свет. Од тој аспект, надворешните влијанијата врз мојата поезија се можеби малку поинакви, бидејќи го немам делот на надградба во таа област, иако целосно отстранување на влијанијата не е можно. Ги почитувам многу македонските автори, посебно поезијата на Петре М. Андреевски и Анте Поповски и бидејќи за мене има градација на бендисување на песни што кулминираат со највисокото „Ова е песна каква што би сакала да напишам“, па би сакала да можам да напишам песна како „Умилкување“ (Андреевски) или „Две тишини“ на Поповски. Но, исто така морам да посочам дека има доста помлади македонски поети чиј сензибилитет ми одговора, или што би се рекло „ми легнува на душа“, па уживам дур читам, а со тоа несвесно пренесувам и на она што на крајот ќе излезе како песна. Секако, мислам дека не е погрешно ако прочитаното оставило толку голем впечаток за да биде преработено низ сопствениот емотивен систем и како доживување да излезе на еден поинаков начин и во една поинаква песна.
Подолго време сте дел од поетската сцена. Забележувате ли промени во струите? На подобро или на полошо?
– Првата моја објавена поетска книга е во 1998 година, а втората во 2000 година и од тој аспект може да се каже дека пишувам и објавувам веќе долги години. Сепак, во периодот на првите книги, никогаш не сум чувствувала дека сум дел од поетска сцена. За мене поезијата беше и сѐ уште претставува интимно исповедување, посебно чувствителна за периодот на младите години на првите поетски обиди, кога поетите ми се чинеа возрасни, а поетскиот свет затворен и недостижен.
До моментот на „Астални проекци“ во Менада, немав ни претстава дали постои и како функционира поетската сцена. Му благодарам на Џоле (Ѓоко Здравески), кој ме поттикна да се охрабрам и токму на таа сцена, по многу уживање во добра поезија и уште подобра енергија, прифатив за првпат да застанам зад микрофонот и да бидам дел од тоа волшепство. Морам да признаам дека, иако имам релативно големо искуство во јавни настапи како предавања, презентации и модерирање на настани, читањето поезија беше целосно нов вид возбуда, која ми ја разбуди желбата повторно да пишувам. Последниве години сум среќна што ја имам честа да бидам дел од многу поетски манифестации, фестивали во зародиш. читања и промоции на книги, без разлика дали како гостин или како официјален учесник, и веќе може да кажам дека се чувствувам како дел од една убава и слободна поетска сцена.
Што би промениле на поетската сцена?
Ослободување, ослободување од сите административни, економски, политички и суетни стеги. Поетот треба да е максимално слободен и како некој што ги гледа работите од страна, мислам дека оптоварувањата од типот на издавање, организирање на промоции, тиражи, е притисок и не придонесуваат кон слободна емоција. Откога имам малку поактивно учество на оваа сцена, можеби лаички, но ценам дека има убаво придвижување и една свежа енергија којашто се труди преку организација на различни поетски настани, постојано да се потсетуваме на важноста на поезијата во нашите животи. Сите поетски настани треба да се целосно отворени и за познати и за непознати поетски имиња и како што сега се настојува, постојано да се вклучуваат и охрабруваат и младите поети. Мене лично ми недостига настан, во некој сличен или различен формат на средба, која ќе наликува на она што се случуваше на „Астални проекции“ во Менада. Константен ден во месецот, место во градот во коешто поезијата ќе биде ослободена од натпревари, награди и докажувања… Поезија само поради тоа што треба да е – поврзување и размена на убавина – слободна поезија.