ИТАЛИЈА ГИ ОСВОИ СИТЕ ОСУМ КОНТИНЕНТАЛНИ ТИТУЛИ

Италија е европски првак во сите шест младински категории (мажи и жени) и сениорски шампион за одбојкари и за одбојкарки (вкупно осум европски трофеи), а машката сениорска селекција е и светски првак

Италија целосно доминира со одбојката во Европа откако и репрезентацијата за играчи до 20 години стана европски првак. Италијанската селекција, во финалето на Европското првенство (ЕП) што се играше во Италија, ја победи репрезентацијата на Полска со 3-2.

Младинските селекции на Италија претходно годинава станаа континентални прваци во категориите до 18 (ЕП во Грузија) и до 22 години (ЕП во Полска) за мажи и до 17 (ЕП во Чешка), 19 (ЕП во Македонија) и до 21 година (ЕП во Италија) за жени.
Згора, Италија е актуелен сениорски европски (трофејот го освои на ЕП 2021 што се играше во Полска, Естонија, Чешка и во Финска) и светски првак (на Светското првенство годинава во Полска и во Словенија), а женската репрезентација е европски шампион (титулата ја освои во 2021 година на ЕП во Србија, Бугарија, Хрватска и во Романија) и сега настапува на Светското првенство (во Холандија и во Полска) и по првите две кола има две победи.