Грчкиот суверенитет над островите Лезбос и Самос не е доведен во прашање, а сите земји, вклучително и „нашите сојузници“ да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и да избегнуваат акции кои би создале тензии, укажа Нед Прајс, портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Неговата изјавата доаѓа откако Анкара испрати дипломатска нота до САД и Грција, затоа што Атина распоредила американска воена опрема на овие острови, кои според меѓународен договор треба да се демилитаризирани.
На прашање од новинар како САД го коментираат тоа, Прајс посочи „за распоредување на нивна одбранбена опрема да се прашаат самите влади“.
-За тоа ние не можеме да зборуваме. Продолжуваме да ги охрабруваме нашите НАТО партнери, во овој случај Турција и Грција, да работат заеднички на одржување на мирот и безбедноста во регионот, и да ги решат сите разлики по дипломатски пат. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од реторика и да избегнат постапки кои би можеле да разгорат тензии – изјави тој.
Грција нема никакви претензии кон Турција и е за дијалог врз основа на меѓународното право, меѓутоа, доколку се појави потреба, ќе ги брани своите законски интереси и права, соопштија од Министерството за надворешни работи на оваа држава во врска со состанокот на Советот за национална безбедност на Турција.
Од грчкото МНР велат дека „Турција има целосно право со секое законско средство да ги брани своите интереси, под основен услов да ги прифати правилата на меѓународното право“.
-Сепак, нема никакво право флагрантно да го прекршува меѓународното право и да ѝ се заканува на Грција со војна (casus belli). Грција нема никакви претензии кон Турција и е за дијалог врз основа на меѓународното право. Меѓутоа, ќе ги брани своите законски интереси и права доколку се појави потреба – пишува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Грција.
Реакцијата од грчкото МНР е по одржаниот Совет за национална безбедност на Турција свикан од претседателот Реџеп Таип Ердоган, на кој се разговарало и за односите со Грција, а според соопштението од турската страна било истакнато дека нема да се воздржуваат „од употреба на секакви легитимни методи и средства во рамките на меѓународното право за заштита на правата и интересите на земјата“ и ги повикуваат „да се вразумат круговите кои ја охрабруваа Грција да ги вооружи островите со демилитаризиран статус“.