Две лица од Благоевград се јавувале кај повозрасни охриѓани и лажно се претставувале дека членови од нивните семејства биле тешко повредени во сообраќајни незгоди, барајќи пари за да ги ослободат од кривична одговорност, при што изнудиле над еден милион денари.
СВР Охрид денеска соопшти дека поднеле кривична пријава против К.И.(51) и Г.М.(56), двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 казнено дело „измама“.
– Пријавените, во периодот од 17 август до 10 септември годинава, телефонски им се јавувале на повеќе повозрасни лица од Охрид на кои, лажно им се претставувале и ги известувале дека блиски членови на нивните семејства, биле тешко повредени во сообраќајни несреќи. Притоа, доведувајќи ги во заблуда, на оштетените им ветувале дека за одредена сума пари, можеле да им помогнат за нивно ослободување од кривична одговорност – изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
На тој начин, додаде, пријавените предизвикале вознемиреност кај оштетените граѓани, а во три случаи, добиле пари со што, се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 1.077.320 денари.