ВМРО-ДПМНЕ побара оставка и утврдување на деловната способност на премиерот Димитар Ковачевски. Со тоа, како што изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, ќе се утврди дали Ковачевски лажел или е навистина трајно неспособен.
– Македонија ја води трајно неспособен премиер или премиер кој лажел и приложил документ за да ја избегне законската обврска за служење на воен рок. Трајна неспособност е состојба која може само да се влошува, а не да се подобрува. Ако состојбата на дезертерот Ковачевски можела да се поправи, тогаш дијагнозата ќе била времено неспособен, а не како што е заведен трајно неспособен. Со трајна неспособност човекот не може да ги извршува своите работни задачи во текот на денот непречено, и тој мора да подлежи на паузи, кои може да бидат и подолги – рече Ковачки.
Според ВМРО-ДПМНЕ, премиерот е должен веднаш да поднесе оставка и во најмала рака ѝ должи извинување на македонската јавност заради тоа што станал премиер правејќи се трајно неспособен тогаш кога државата го барала и кога ѝ бил најпотребен.