Фото: МИА

Софтверот кој го набавил Драги Рашковски како генерален секретар, од фирмата „Инвока груп“ на Даниел Станчев, не работел. Ова го констатира Мане Пиперевски, вештак од областа на информатичка технологија. Тој вели дека прво му била дадена погрешна лозинка од Станчев, а откако ја добил точната од адвокат, направил вештачење.

– Дојдов до констатација дека софтверот не функционира за целта за која е изработен – кажа вештакот.

Во судницата беше прикажана и грешката која се јавува, со што софтверот не можел да профункционира за да се испроба дали точно мери брзина и може да се користи за изрекување на казни.

– По инсталирањето, се појави грешка поради која не можеше софтверот да се стави во функција и да се продолжи со детална проверка на неговите функционалности. Што значи софтверот не беше функционален за да се проверат сите наведени функционалности. Од таа причина, заклучувам дека софтверот не е функционален, конфигуриран согласно техничкото упатство, дадени на ЦД-то. Бидејќи софтверот не влезе во функција не можеше да се отиде на терен, за да се испита дали функционира согласно барањата од наредбата на јавниот обвинител – кажа вештакот Пиперевски.

Дополнително, софтверот не можел да работи со секакви камери, додава вештакот.

– Тој не може да работи со други камери, освен со тие (четири камери) подигнати од Влада. Дојдов до констатација дека софтверот не функционира за целта за која е изработен – додаде тој.

Бидејќи софтверот не можел да се вклучи, вештакот не можел да провери дали навистина софтверот мери брзина, констатира прекршоци кај возачи, но и да детектира дали некое возило е регистрирано или украдено, поминува на црвено светло, престројување, сообраќаен метеж. Дополнително, вештакот е дециден дека иако Рашковски барал, Станчев не испорачал софтвер кој ќе има безбедносни стандарди со оглед дека податоци се зачувувале на интернет (ФТП).

– Предметниот софтвер не може да се стави во функција со што не може да мери брзина. Променливост на локација на мерните инструменти со што возачите нема да знаат каде се мерните места – предметниот софтвер е предвиден да користи различни камери за различни локации и лесно да се преместуваат – дизајнот на софтверот го исполнува барањето, но бидејќи тој не може да се стави во функција, не може да се потврди исполнувањето на овој услов. Автоматско пресметување на прекршок и генерирање на казни, предметниот софтвер не може да се стави во функција со што не се исполнува барањето. Системот мора да покаже ефикасност, скалабилност (проширување со нови камери на повеќе локации) е од големо значење и во рамки на истиот треба да има можност да работи со голем број на уреди/камери – бидејќи софтверот не може да биде функционален, не може вештото лице да го утврди исполнувањето на овој софтвер…. – додаде вештакот.

Софтверот не бил ниту целосно преведен на македонски јазик.

– Софтверот не е целосно завршен. Според пројавената грешка во процедурата на конфигурација на софтверот, се заклучува дека тој не можел да биде имплементиран – констатира вештакот Мане Пиперевски.

Рашковски се гони бидејќи обвинителката Ивана Трајчева тврди дека тој го местел тендерот за да го добие „Инвока груп“ на Станчев, а исто така, набавил софтвер кој е нефункционален. Дополнително, Трајчева докажува дека Рашковски делел хонорари на хонорарци во Влада, а потоа, дел од парите земал за него.