Најновите истражувања на јавното мислење само уште еднаш ги потврдија лошите резултати од работата на народните избраници. Трагично е што овие слабости се детектирани одамна и, наместо досега да се отстранети, тие се повторуваат и мултиплицираат. Се сменија неколку собраниски состави, но култура на дијалог и натаму нема. И по 31 година од независноста и парламентарната демократија, поразителни се сознанијата дека денес нема дебата во Собранието, има само покажување „мускули“ и калкулации како да се протурка некој закон по скратена постапка
НИСКИ ОЦЕНКИ ЗА РАБОТАТА НА ЗАКОНОДАВНИОТ ДОМ
Нивото на собраниска дебата и натаму останува ниско, без оглед што беа потрошени илјадници евра на обуки и тренинзи на пратениците, кои никако да сфатат дека дебатата подразбира изнесување јасни и цврсти аргументи со кои некој може да се согласи, но и аргументирано да ги оспори. Токму таа вредност требаше од македонското собрание да направи респектабилна институција, од која секогаш ќе излегуваат квалитетни закони, кои претходно биле подготвени и договорени низ квалитетна најпрво комисиска, а потоа и пленарна расправа.
Наместо тоа, во моментот Македонија има собрание во кое има сè друго освен вистинска дебата. Таквиот развој на настаните предизвикува загриженост кај граѓаните и компаниите, кои стравуваат дека поради несериозниот однос на пратениците, земјава може да биде погодена многу потешко од енергетската и економската криза, а помошта за населението и стопанството да остане блокирана поради јаловите собраниски расправи.
Тоа уште еднаш се потврди со најновото набљудување направено од Институтот за демократија за квалитетот на дискусија во Собранието за периодот јануари – јуни 2022 година, при што пратеничките полемики се оценети со оценка 5,5 на скалата од 1 до 10. Од Институтот констатираат дека дискусиите во Собранието не ја добиваат минималната потребна оценка за да може да се именуваат како дебати.
– Ова се должи на лошите оценки во однос на речиси сите параметри што придонесуваат во оценката на квалитетот на дебатата, како степенот на аргументација, степенот на почит на говорникот кон другите пратеници и нивните аргументи, отвореноста за прифаќање на туѓите аргументи и менување на сопствените ставови поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата – се вели во анализата.
Сето ова оди во прилог на оправданите стравувања на граѓаните дека и по завршените летни одмори, пратениците повторно ќе се вратат на старата практика, да се расправаат, да се навредуваат, да опструираат, да си подметнуваат, а најмалку од сè да се сослушаат и разумно да дебатираат во интерес на целото општество.
Токму ваквото нефункционално собрание како еден од столбовите на државата е закана за иднината на земјата, а не евентуалното опструирање на договорите со Бугарија и со Грција. Ако нема функционални институции и внатрешна дебата за сите отворени прашања, тогаш може слободно да се каже дека се загрозуваат сите демократски вредности.
Впрочем, однесувањето на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кога самоволно ја одби иницијативата за референдум за укинување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија, најдобро покажува во која насока се движи земјата ако одлуките се носат еднострано, без дебата и надвор од секаква процедура.
Уште потрагично е што овие слабости се детектирани одамна и, наместо досега да се отстранети, тие се повторуваат и мултиплицираат. Се сменија еден куп собраниски состави, но култура на дијалог и натаму нема. Ако пред 30 години некој се смееше на нивото на дебата на тогашните пратеници во Собранието, сепак, дури и таква, дебата имаше. Денес нема дебата, има само покажување „мускули“ и калкулации како да се протурка некој закон по скратена постапка или со европско знаменце.
Несомнено, скринингот што го започна Европската комисија најдобро ќе ги покаже овие недостатоци, но „скринингот“ што со години го прават македонските граѓани веќе јасно покажа дека на ваквото собрание дефинитивно не му е местото во Европа. Но, истовремено, ваквото неефикасно и јалово собрание сѐ повеќе ја губи довербата и кај граѓаните.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека институционалниот облик на работа во Македонија, вклучувајќи и на Собранието, е запоставен речиси од почетокот.
– Секаде во парламентите има облици на разминување во дебатата, а не соочување. Има парламенти во кои 70 отсто од таа дебата е со сознанија, со изнесување аргументи, со предлагање некакви решенија, со потпирање на сопствено најдобро знаење, а овие 30 отсто, каде што е и нашиов, се служат со класична партиска борба, со избегнување дебати. Кај нас е проблем тоа што основниот тек на расправата не е соочување факти, аргументи, знаења, идеи, туку ако можеш да избегнеш одговор, тоа се смета за успех, наместо одговорот да биде една дебата од која би произлегле нови решенија – вели Андревски.
Според него, македонското собрание никогаш не стана централна институција на политичкото однесување во целата држава.
– Дебатата е исклучително потребна, а парламентот може да најде внатрешни механизми на ниво на комисии, па и низ централна дебата. Тоа што пратениците конструктивно и аргументирано ќе дебатираат, барајќи решенија, еве, за претстојната енергетска криза, во никој случај нема да ја ограничи Владата, туку, напротив, ќе ѝ даде ветер во грбот полесно да ги решава кризите. Пратениците низ една расправа, дебата, можат да понудат добри проекти, идеи, решенија како полесно да се надминат кризите. Владата може многу полесно да постапува кога ќе има такво богатство на идеи и решенија понудени низ една конструктивна и продуктивна парламентарна дебата – потенцира Андревски.
Негово мислење е дека недостигот од вистинска дебата само ќе води кон погрешни политики, кои подоцна тешко се исправаат.
– Затоа е дебата, затоа е парламентот. Ние и претходно сме се довеле во ситуација да направиме нешто, па потоа да излезе дека тоа не е добро. Па, нормално дека не е добро кога претходно не се дебатирало, немало расправа, не се направила соодветна анализа, еден вид историско соочување со проблемот за да знаеме како тоа ќе влијае за 10-15 години, но истовремено тоа ќе значи и преземање одговорност, што исто така, за жал, кај нас го нема. Ако веќе пратениците примаат убава плата од државата, имаат привилегии, моќ и влијание, тогаш имаат и одговорност дебатирајќи да го понудат она што е најдобро за државата и општеството, наместо бесполезно да се расправаат на седниците – истакнува Андревски.
Тој уште еднаш ја истакна потребата од целосно реафирмирање на позицијата на Собранието во цел систем на структура на моќ и власт и во рамките на политичкиот систем, без нарушување на уставната материја и тоа да биде од помош, поддршка, пробив за целото општество.