Колку пати досега сте се нашле во ситуација да возите автомобил и пред вас да излезе трактор што не е обележен, не ги почитува сообраќајните знаци и влече приколка што е натоварена, а од која на вашето возило паѓа дел од товарот? Тоа, за жал, е доста честа слика во земјава, особено на регионалните патишта и во Скопје, каде што се чини дека некои од сопствениците на земјоделските машини воопшто не сметаат дека, покрај нив, на улиците има и други учесници во сообраќајот
Септември и периодот што следува се период на интензивна земјоделска активност, а тоа значи дека низ улиците и патиштата во значително поголем број ќе ги има земјоделските машини.
Токму затоа, од огромна важност е не само возачите и пешаците да бидат повнимателни туку со особено внимание во сообраќајот да пристапуваат и возачите на земјоделски машини, претежно на трактори. Токму тие може да бидат една од главните причини за некој да го загуби својот живот, а и тие самите со непрописното однесување во сообраќајот се ставаат во позиција да настрадаат.
АПЕЛ ОД НАДЛЕЖНИТЕ
Колку пати досега сте се нашле во ситуација да возите автомобил и пред вас да излезе трактор што не е обележен, не ги почитува сообраќајните знаци и влече приколка што е натоварена, а од која на вашето возило паѓа од товарот? Тоа, за жал, е доста честа слика во земјава, особено на регионалните патишта и во Скопје, каде што се чини дека некои од сопствениците на земјоделски машини воопшто не сметаат дека покрај нив, на улиците, има и други учесници во сообраќајот.
Од тие причини, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи почнаа со кампања насловена „Безбедно возење трактор и земјоделски машини“.
Како што информираат од РСБСП, целта на кампањата е издигање на свеста за одговорно и рамноправно учество во сообраќајот на возачите на трактори и земјоделски машини, издигање на свеста за управување технички исправни и регистрирани трактори и други работни машини, издигање на свеста за нивна поголема видливост во сообраќајот, исправност на светлосните сигнални уреди, како и издигање на свеста на возачите на трактори за почитување на правилата и прописите во сообраќајот, но и за издигање на свеста кај другите возачи на моторни возила за поголема внимателност во сообраќајот и почитување од нивна страна на возачите на трактори и другите земјоделски машини како рамноправни учесници во сообраќајот.
– Кампањата ќе се реализира на територијата на целата држава. РСБСП и МВР ќе организираат повеќе јавни настани за директна комуникација со возачите на трактори и земјоделски машини, едукација и превентивно предупредување од страна на сообраќајната полиција на возачите на трактори – за нивно безбедно и одговорно учество во сообраќајот и други активности – информираат од РСБСП.
Оттаму апелираат до возачите да обрнат внимание на тракторите и земјоделските машини, бидејќи и тие рамноправно учествуваат во сообраќајот.
– На возачите што управуваат со трактор и земјоделски машини им порачуваме: Возете технички исправни и означени трактори и други земјоделски машини, бидете видливи во сообраќајот и почитувајте ги правилата и прописите. Безбедноста на прво место – апелираат од советот.
СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ
Сепак, сликата на терен е многу поинаква од онаа розовата што ја предвидува законот. На местата каде што има земјоделски активности, во огромен број на патиштата излегуваат трактори што не се никако обележани, а претежно на патиштата излегуваат навечер, кога се стемнува, па многу е потешко да бидат забележани од страна на возачите.
Дополнително, како што велат другите учесници во сообраќајот, некои од возачите на трактори возат крајно несоодветно, со доста голема брзина, а некои од нив го прават тоа додека влечат приколка.
– Најстрашно ми е кога пред мене има трактор со приколка во која се превезуваат деца и возрасни, а возачот на тракторот вози со крајно непрописна брзина. Влетува без да ги почитува сообраќајните знаци, а со тоа директно ги ризикува сопатниците што ги превезува во приколка – вели Златко Димовски, дистрибутер што доставува стока низ целата земја.
Според него, често се случувало приколката да се откачи или да е неисправна, па да се преврти, а за среќа во тие моменти немало луѓе во неа, туку слама.
– Проблем се и возачите, кои, кога ќе видат трактор пред нив, по секоја цена мора да го претекнат иако местото не е соодветно за тоа. Токму така настануваат голем број животозагрозувачки несреќи. Можеме да имаме добар сообраќај само ако ги почитуваме сите учесници во сообраќајот, независно дали се возачи на тротинети, велосипеди или, пак, трактори – вели Димовски.