Издавачката куќа „Или-или“ ја објави првата збирка раскази од младиот македонски писател Стефан Алијевиќ. Расказите од збирката „Вечерен автобус“ лебдат во еден свет помеѓу автофикцијата и фикцијата, претендирајќи да создадат игра, комуникација и неизвесност кај читателот што од напишаното е лична вистина на авторот, а што измислица. Освен тоа, расказите градат повеќе дихотомии или бинарни опозити, како на пример: реалност – сон, вистина – лага, живот – смрт, луцидност – халуцинација, минато – сегашност, периферија – главен град итн. Збирката прави пресек на нашето време и општество, со цел да расветли одредени зафрлени слоеви, па во тој контекст, главните ликови често доаѓаат од самите маргини на општеството.
– Севкупно, расказите третираат теми како различностите помеѓу луѓето, нееднаквоста, срамот од личниот идентитет, деградацијата, стереотипите и сегрегацијата на одредени поединци во општеството (како на пример лицата со посебни потреби или сексуалните малцинства). Наративот е во директен костец со предрасудите и ограничените погледи на светот – се вели во најавата.
Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија) завршил додипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Бил дел од уредничкиот тим на меѓународното списание за книжевност и уметност, „Разноликост“, а веќе подолго време пишува раскази. Досега бил објавен на порталите „Разноликост“ и „Окно“. Збирката раскази „Вечерен автобус“ е негова прва книга.