На првата средба на ЕПЗ се поканети лидерите на земјите учеснички за да отворат политичка дискусија за стратешките теми со кои се соочува целиот европски континент. Европската политичка заедница (ЕПЗ) почнува со работа.
Првиот состанок на ЕПЗ е закажан за 6 октомври во Прага во текот на попладнето и вечерта а утредента се одржува и неформалниот Самит на шефовите на држави и влади на ЕУ, исто така во Прага под чешко претседателство.
На првата средба на ЕПЗ се поканети лидерите на земјите учеснички за да отворат политичка дискусија за стратешките теми со кои се соочува целиот европски континент. Така, тема на разговор ќе биде руската инвазија на Украина, енергетската и економската криза.
Според нашите извори во Советот на ЕУ, средбата ќе почне со пленарка, а потоа дискусиите ќе се одвиваат на тркалезни маси посветени на стабилноста, енергијата, борбата против климатските промени, економијата е тема ќе биде и мобилноста низ Европа.
Поканети на првиот состанок се сите 27 земји членки на ЕУ, шесте земји од Западниот Балкан помеѓу кои и Македонија, потоа Норвешка, Швајцарија, Исланд, Лихтенштајн, Велика Британија, Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Ерменија и Азербејџан. Одлуката за креирање на ЕПЗ беше донесена на Самитот на ЕУ од јуни оваа година. Станува збор за инклузивен процес што треба да го водат лидерите од ЕУ 27 и третите земји. ЕУ инсистира дека овој процес не е замена за проширувањето.
Иницијативата на ЕПЗ дојде од францускиот претседател Емануел Макрон, во неговиот говор од 9 мај 2022 година во Стразбург, и потоа од претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел. Макрон тогаш рече дека војната во Украина и геостратешките промени што таа ги носи, треба да ги поттикнат Европејците да размислуваат за Европа, нејзиното единство, стабилност, без да ја ослабат, како што рече тој, „интимноста„ на ЕУ.
Наместо пристапување на нови земји, Макрон предложи Европска политичка заедница и ревизија на европските повелби со отворање на ЕУ Конвенција. Предлогот за ЕПЗ се толкува како ад-хок структура за Украина на која не можеше да и се рече не на нејзиното барање за кандидатски статус. Во однос на шесте земји од Западниот Балкан кои одамна тропаат на ЕУ портата, Макрон рече дека нивниот пат е веќе исцртан во процесот на проширувањето.
Така, земјите аспиранти, кои во повеќе области не ги исполнуваат високите стандарди на Брисел, стандарди кои според Макрон не смеат да бидат жртвувани во новиот систем на организирање, со новата заедница би го добиле чувството на припадност на европското семејство но ЕПЗ не смее да биде вечна чекална за влез во ЕУ. Целта е новата заедница да биде отворена за сите, како за новите европски демократии така и за Велика Британија.