Судскиот совет на денешната седница ја усвои Програмата со акциски план за превенција и следење на корупцијата во судството која треба да придонесе намалување на корупцијата, да го подобри интегритетот на судиите, транспарентноста и отчетноста, а со тоа да се обезбеди повисока доверба кај јавноста во судскиот систем – информираат од Судски совет.
-Компетитивен, правичен, ефективен и непристрасен судски систем, независен од политички влијанија, е суштинска основа во борбата против корупцијата во судството. Програмата овозможува механизмите за превенција, откривање и санкционирање на корупцијата, како и детектирањето на неетичкото однесување во судството, да бидат функционални – велат од Судскиот совет.
Тој е насочен кон преземање низа мерки и активности за справување со корупцијата во судството, а со оваа Програма ќе се засилат обидите за навремена превенција.
Програмата има утврдено повеќе цели со кои ќе се воспостави ефикасен систем за борба против корупцијата во судството: зголемување на нивото на одговорност; јакнење на интегритетот на судиите и судската служба преку систем на вредности и критериуми за квалитет; спроведување на надлежностите на Судскиот совет на законски, транспарентен, одговорен и ефективен начин.
Во Програмата меѓу другото е предвидено и поддршка на дигитализацијата во судството; мотивирање на граѓаните да пријавуваат корупција; јакнење на отпорноста од корупција во судството, градење личен и професионален интегритет; активно учествување во елиминација на факторите кои придонесуваат за лоша перцепција кај јавноста во врска со корупцијата; развивање отчетност за јавните набавки и планирањето и трошењето на парите; елиминирање на коруптивни активности при вработување.
-Преку Програмата со акциски план за превенција и следење на корупцијата Судскиот совет започнува со нова антикорупциска политика чии резултати несомнено ќе придонесат кон владеење на правото, создавање на правна држава и суштинското-враќање на довербата кај граѓаните во судството – истакнуваат од Судскиот совет.