Фото: Твитер

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш апелираше до Украина и Русија да договорат демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е под контрола на руските сили.

– Како прв чекор, руските и украинските сили треба да се обврзат да не се впуштаат во воени активности во близина на оваа локација, рече Гутереш на синоќешната седница на Советот за безбедност на ОН.

– Како втор чекор треба да се дефинира демилитаризирана зона, побара првиот човек на Светската организација.

– Ова особено се однесува на обврската руските сили целосно да се повлечат од таа зона, како и на обврската украинската страна да не влегува во таа област, ​​рече Гутереш.

Меѓународната агенција за атомска енергија претходно објави дека е неопходно да се воспостави безбедносна зона околу нуклеарната централа, истакнувајќи дека нивните експерти констатирале голема штета на нуклеарната централа.