Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година почнува без образовни асистенти во средните училишта. Соодветните законски измени ниту се донесени, ниту се знае кога би се усвоиле и стапиле во сила, соопшти денеска Хелсиншкиот комитет за човекови прaва кој оценува дека со запоставување на вклучувањето на децата со попреченост во образовниот систем им се нанесува огромна штета на децата и на нивните родители.
– Недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции – пишува во реакцијата на Комитетот.
Хелсиншкиот комитет ги повикува претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта.
– Со оглед на тоа што учебната година е веќе започната, апелираме да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот. Иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини – наведува Хелсиншкиот комитет.
Меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава, според Комитетот, се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес.
– Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството – стои во реакцијата.