Европската Унија (ЕУ) е во голема дипломатска офанзива на Балканот, обидувајќи се да ги реши преостанатите отворени прашања што го оптоваруваат регионот, што се надоврзува и на неодамнешните дипломатски напори вложени во спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Сега на ред дојдоа конфликтот помеѓу Косово и Србија, поттикнат со прашањето за регистарските таблички, како и осетливата ситуација во БиХ. Тоа може да се заклучи според заедничкото писмо што францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц го испратија до српскиот претседател Александар Вучиќ, барајќи нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, како и според изјавата на словенечкиот претседател Борут Пахор, кој истакна оти се очекува Босна и Херцеговина наскоро да добие кандидатски статус за ЕУ.
Најновите чекори на ЕУ се поврзани со војната во Украина и имаат цел за решавање на дипломатските проблеми на Балканот, смета директорот на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје, Марко Трошановски, нагласувајќи дека не оптимист за тековниот европски ангажман во регионот.
– Овие напори се дел од дипломатската операција во контекст на војната во Украина, за да се затворат дипломатските проблеми што се присутни во регионот. Јас не сум оптимист бидејќи и претходно се правени дипломатски притисоци за исчекор. Договорот за личните документи помеѓу Србија и Косово е незначителен чекор и не треба да се очекува дека ќе доведе до признавање на Косово од страна на Србија – објаснува Трошановски.
Според него, балканските политичари нема да бидат подготвени на компромиси.
– Влошувањето на економската состојба, како и енергетската криза ќе бидат приоритети на ЕУ и на Балканот, при што балканските политичари ќе калкулираат и нема да бидат подготвени на компромиси што би го влошиле домашното расположение – вели Трошановски.
Тој наведува дека гласот на земјите-членки од Балканот нема голема тежина во Унијата, иако го поддржуваат проширувањето.
– Секако дека балканските држави во ЕУ се промотори на проширувањето, но нивниот глас не е толку силен, односно немаат толкава тежина. Истото се однесува и за прашањето за визна либерализација за Косово – напоменува Трошановски.
Соговорникот упатен во европските прилики посочува дека за Македонија е битно што влезе во сферата на интерес на ЕУ.
– Битно за Македонија е што влезе во сферата на интерес на ЕУ, но мислам дека моментно не сме приоритет и ќе ни препуштат сами да одлучуваме за уставните измени во однос на договорот со Бугарија – заклучува Трошановски.