Фото: Игор Бансколиев

Владата денеска на посебна седница ќе прогласи кризна состојба во енергетиката. Што практично значи тоа и што може да очекуваат граѓаните и бизнис-заедницата за справување со енергетската криза? Во земјите од Европа веќе се донесени низа законски мерки и уредби, кои варираат од држава до држава и во кои акцентот е ставен за спас на економијата и зачувување на стандардот на граѓаните. Во соседна Грција, на пример, помошта за граѓаните и стопанството е и до 1,9 милијарда евра. Кај нас засега има само препораки за штедење и намалување на потрошувачката на енергија од 15 проценти, во споредба со лани. Дали е доволно тоа?!

МАКЕДОНИЈА ОД ДЕНЕСКА И ОФИЦИЈАЛНО ВО КРИЗНА СОСТОЈБА СО ЕНЕРГЕТИКАТА

Тешката состојба во енергетскиот сектор Владата ќе се обиде да ја амортизира со носење уредба за прогласување кризна состојба за електричната и топлинската енергија, што се очекува да биде направено на денешната владина седница, а би стапила во сила од 1 септември, кога треба да почне примената и на владините мерки за штедење струја.
Ова нема да биде првпат како се прогласува кризна состојба во енергетиката, а потегот е со цел законски да се покрие државната помош за енергетските компании, но и да се преземе нивното управување доколку се јави потреба за такво нешто.
Во членот 14 од Законот за енергетика прецизно е наведено кога државата може да донесе уредба за прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор.
– Владата, по предлог на Министерството, со уредба подетално ги утврдува критериумите и условите за прогласување кризна состојба, особено во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарите на енергија, начинот на снабдување со соодветните видови енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење одредена енергетска дејност во согласност со Законот за управување со кризи – се наведува во точката 1 од членот 14 на Законот за енергетика.
Засега не се соопштуваат детали за тоа какви мерки би биле донесени за да се ублажи недостигот од електрична и топлинска енергија, така што извесни остануваат само препораките што кон средината на месецот ги добија граѓаните и државните институции за тоа како да заштедат струја.
Мерките што ги усвои Владата се поделени во повеќе категории во однос на тоа дали станува збор за поединци, компании или објекти во сопственост на државата. За домаќинствата и компаниите има само препораки, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија. Целта е да се постигне намалување на потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто, споредено со истиот месец минатата година. Ако не се постигне ова, ќе следуваат санкции за раководителите на институциите, кои ќе добијат задолжение да ја следат примената на овие мерки.
Професорот и експерт од областа на енергетиката, Константин Димитров, смета дека со прогласувањето на кризната состојба нема да се постигне ништо конкретно ако не се направат сериозни чекори вистински да им се помогне на домаќинствата и на компаниите, па затоа очекува Владата да ги сослуша сугестиите на бизнис-заедницата и на експертите.

– Во услови на прогласена кризна состојба, државата може да ги користи ресурсите на сите државни организации и да управува со сите ресурси што се врзани со енергетика. Генерално, тоа отвора можност Владата да префрли пари директно во државните енергетски компании. Тоа е основата на прогласувањето на кризната состојба – вели Димитров.
Според него, тоа овозможува да се донесат и одредени уредби со сила на закон со кои може да им се овозможи и на домаќинствата, но и на компаниите, полесно да се справат со енергетската криза.
– Една таква уредба, која би била со сила на закон е максимално поедноставување на сите процедури за поставување фотоволтаици на покривите на куќите и на погоните на компаниите, да не чекаат измени на законите, кои траат долго. Кога ќе се прогласи кризна состојба, а Македонија на некој начин е во воена состојба во делот на енергетиката, тоа може да се направи буквално прекуноќ. Да се дозволи да се ангажира приватен финансиски капитал во поставувањето сончеви колектори. Колку што може да се постават колектори до почетокот на зимата, па дури и во текот на зимскиот период ако временските услови го дозволат тоа. Само тоа е решението во оваа ситуација. Не знам колку фирми чекаат согласност да се приклучат на мрежата, што е идиотизам. Неверојатно непотребни административни бариери. Се надевам дека денеска трите комори ќе имаат состанок во Владата и ќе се разговара за проблематиката во енергетиката, а сигурно ќе се дискутира и за овој проблем со сончевите колектори – појаснува професорот Димитров.
Тој додава дека нема потреба од никакви ограничувања за капацитетот на поставените колектори.
– Секој корисник треба да може да има право да постави сончеви колектори со тој капацитет со колку што Електродистрибуција му дала согласност да може да повлече електрична енергија. Ако ми дале согласност за четири киловати, можам толку да поставам, ако ми дале за 20 киловати, да можам со толкав капацитет да поставам. Не смее да има ограничувања. Државата може да дава помош за инсталирање до шест киловати, а сè над тоа поединецот сам да си го плаќа. Тоа е решението – појаснува Димитров.
Неговото мислење е дека тоа се вистинските мерки што треба да се донесат при прогласување кризна состојба, а не препораките што претходно ги даде Министерството за економија, со кои ништо нема да се постигне.
– Тоа се смешни работи. Тие само разбрале од граѓаните што правеле претходните години. Не се доволни овие зацртани 15 отсто заштеда. Веќе домаќинствата максимално штедат, работат најекономично бидејќи тоа влијае врз домашниот буџет. Прашање е колку можат државните институции да заштедат, каде што државата ги покрива сметките, колку тие ќе бидат домаќини и колку ќе се спроведе контрола. Сега е доцна да се решава, требаше пред две години да се спроведе само Законот за енергетска ефикасност – смета Димитров.

Препораки за заштеда на електрична енергија

Препораките што Министерството за економија неодамна ги даде до домаќинствата се однесуваат на тоа како тие да заштедат електрична енергија во кризниот период. Еден од најголемите потрошувачи на струја во домаќинствата е бојлерот, поради што препораките се тој да се вклучува само на евтина струја и само тогаш кога домаќинството има потреба од топла вода. Термостатот да не се поставува на максимум. Готвењето да биде во помали садови, машините за садови и алишта да се користат во евтина тарифа, светилките да се исклучуваат кога нема никој во просторијата и максимално да се користи сончевата светлина. Сите уреди да се исклучат ако не се користат, по можност да се постават енергетски ефикасни прозорци, да се купуваат уреди од највисоката енергетска класа, климатизерите да не ладат пониско од 27 степени, а во зима да не греат повеќе од 20 степени.
Препораките и за бизнис-заедницата се донекаде слични, со тоа што на компаниите им се сугерира при градба на нови објекти да инсталираат топлински пумпи и сончеви колектори за обезбедување топла санитарна вода. Потоа се даваат насоки да се инвестира во нови технологии, кои се во насока на поголема енергетска ефикасност на машините.
Државните институции од 1 септември ќе мораат задолжително да ги применуваат задолженијата дадени од Министерството за економија, за да се намали потрошувачката на електрична енергија за 15 отсто. Со овие задолженија, кои во најголем дел се исти како и за домаќинствата и бизнис-секторот, е предвидено исклучување на декоративното светло на објектите, ако се во можност институциите да инсталираат колектори за топла вода, да ги регулираат греењето и ладењето според утврдената температура, односно 20 и 27 степени, да ги користат печатачите рационално, да користат скали наместо лифт, да проветруваат кратко, да ги исклучат компјутерите по завршувањето на работното време, да ги заменат сите светилки со лед-осветлување.

Ќе има ли корист од кризната состојба?

Многу работи ќе бидат појасни откако Владата ќе ја донесе уредбата за прогласување кризна состојба во енергетиката, со што покрај буџетското покривање на работењето на државните енергетски компании, ќе биде познато и какви други мерки ќе бидат предложени во следниот период.
Уверувањата на надлежните дека рестрикции за домаќинствата и помалите бизниси нема да има се мала утеха, со оглед на предупредувањата дека кризата ќе предизвика и ценовен шок ако се има предвид дека цената на струјата во вторникот на пазарите во континентална Европа за првпат надмина 600 евра за мегават-час, а во Франција поради проблеми во нуклеарните централи надмина дури и 1.000 евра.
Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна на прес-конференција рече дека не очекува да има рестрикции ако се оди според планот на ЕСМ, но последните турбуленции на пазарот на електрична енергија не влеваат многу надеж дека нешто долгорочно може да се планира.
Ново поскапување на струјата во јануари најави и генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, така што прашање е дали кризната состојба воопшто ќе им помогне на граѓаните и на компаниите да ја издржат тешката зима што сите ја најавуваат, ако не се преземат директни мерки што ќе ја намалат потрошувачката на струја од системот.
Во следните денови се очекува Владата да ги објави и јавните повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија откако на БЕГ ѝ беа одземени лиценците за работа.


Европа ја очекуваат од пет до 10 тешки зими

Белгискиот премиер Александер де Кро предупреди дека Европа ја очекуваат од пет до 10 тешки зими.
– Наредните од пет до 10 зими ќе биде тешко. Голем број сектори се носат тешко со високите цени на енергентите. Внимателно го следиме тоа, но мора да бидеме транспарентни. Месеците што доаѓаат ќе бидат тешки, зимите што доаѓаат ќе бидат тешки – рече Де Кро.
Европа се соочува со најтешката енергетска криза предизвикана од руската инвазија на Украина. Стариот Континент во голем дел е зависен од рускиот гас, а од таа земја увезува 40 отсто од потребите. Русија го забави протокот на гас преку клучниот гасовод „Северен тек 1“ до 20 отсто од својот капацитет, повикувајќи се на технички причини, односно тековно одржување.