Фото: Игор Бансколиев

Претседавањето со ОБСЕ отвора можност Македонија да го посочи сопствениот пример за тоа како без почитување на меѓународното јавно право, без практикување на демократијата, на човековите и малцинските права, како темeлни вредности на меѓународниот поредок, се урнисува една суверена држава. Нашето претседавање треба да биде ползувано во интерес на универзалното и највисоко право, преку низа активности, да бидат осудени преседанот и практиката „кога за некои држави и институции од меѓународната престануваат да важат институционалните правила врз кои треба да почива светскиот поредок, односно кога не се почитува меѓународното право, кога се дозволува загрозување на нечиј идентитет и јазик, кога се погазуваат одлуките на Судот за човекови права од Стразбур, кога не важат никакви европски вредности и критериуми“…

Македонија го презема претседавањето со
Организацијата за безбедност и соработка во Европа

Македонија на почетокот на следната година го презема претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), со што на земјава првпат ѝ се отвора добра можност за подобро меѓународно позиционирање и остварување на нејзините меѓународни приоритети од позиција на полноправна членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ.
Како иден претседавач на ОБСЕ, Македонија може да ги наметне основните постулати врз кои треба да се потпира светот, како почитување на меѓународното право и демократските вредности, почитување на малцинските права, спречување конфликти, да се заложува за доброто владеење, за подобро образование, за ефикасна борба со тероризмот и со трговијата со луѓе, како и многу други аспекти што можат да помогнат земјава да се стекне со имиџ на непристрасен претседавач, кој ќе работи на исполнување на темелните принципи врз кои е основана оваа организација.
Претседавањето со ОБСЕ отвора можност Македонија да го посочи сопствениот пример за тоа како се урнисува една суверена држава кога престануваат да важат тие принципи врз кои треба да почива светскиот поредок, односно кога не се почитува меѓународното право, кога се дозволува загрозување на нечиј идентитет и јазик, кога се погазуваат одлуките на Судот за човекови права од Стразбур, кога не важат никакви европски вредности и критериуми. Токму тие се најглавните приоритети врз кои земјава треба да работи ако сака да биде вистински претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Шансата Македонија како претседавач со ОБСЕ да ги истакне сопствените меѓународни приоритети ја гледа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој смета дека земјава може да ги унапреди принципите и вредностите на оваа светска организација.
– Како земја претседавач, С. Македонија би придонела за натамошно промовирање и унапредување на принципите и вредностите на организацијата креирајќи притоа простор за реализација на сопствените меѓународни политички приоритети и можност за етаблирање како активен чинител во сферата на регионалната безбедност и соработка… Тоа пред сè значи можност за зголемена поддршка на јавното мислење во ЕУ за процесот на пристапување на С. Македонија во Европската Унија – изјави Османи.
Од македонското МНР засега не откриваат што ќе биде во фокусот на програмата за претседавање со ОБСЕ, со напомена дека се работи на приоритетите.

– Во наредниот период ќе следува дефинирање на предлог-програмата, дефинирање на нашите приоритети, детализирање на финансиската конструкција и формирање поширок тим што ќе биде одговорен за реализација на активностите до, но и за време на нашето претседавање – појаснуваат од МНР.
Со оглед на добрата можност што сега ја добива земјава, се наметнува прашањето дали Македонија ќе успее на вистински начин да го капитализира претседавањето со оваа висока светска институција или, пак, претседавањето ќе биде само обичен декор што некој ќе го користи за собирање внатрешни политички поени.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека пред почетокот на претседавањето со ОБСЕ, Македонија треба да направи добра подготовка на целиот процес за да може да се утврдат вистинските приоритети за земјава што може да се остварат преку претседателствувањето со оваа организација.
– За добра подготовка за добро претседателствување со ОБСЕ е потребно Владата да се потпре на целото општество и на знаењето што го има целото општество, што подразбира неколку долги сесии на планирање со универзитетите, со стопанските комори, со синдикатите, здруженијата од разни области, за да се види и определи кои се теми од интерес на Македонија каде што земјава може да доизгради свои меѓународни капацитети – вели Боцевски.
Според него, откако првично ќе се утврдат овие приоритети, треба да се работи и на лобирање меѓу луѓето што може да ни помогнат за остварување на нашите интереси поврзани со работењето на ОБСЕ.

– Откако Македонија ќе ја утврди таа потреба, односно ќе се консултира со целото општество, неопходно е да се направи една серија на настани што ќе се одвиваат кај нас во рамките на претседателствувањето, тематски настани финансирани од наша страна, каде што ќе дојдат говорници и луѓе што нам ни се од соодветен интерес поврзан со работењето на ОБСЕ. Трето, според мене и најзначајно, покрај луѓето што се од мултилатерала од МНР, да се ангажираат и луѓе од целата наша дипломатија, така што ќе се испратат во седиштето на ОБСЕ во рамките на нашето претседавање и кои таму би се стекнале со дополнително знаење и од функционирањето на самото ОБСЕ, но и од тие теми што ние би ги определиле како теми од наш интерес – појаснува Боцевски.
Тој потсетува на еден интересен аспект што Македонија може да го загатне, но и да го реши за време на своето претседавање со Организацијата за безбедност и соработка.

– Имајќи предвид дека ОБСЕ сè уште има мисија во Македонија, мислам дека со нашето претседавање станува проблематична и самата мисија тука, бидејќи оваа организација има мисии во земји што имаат проблем со својот демократски, економски и институционален развој, така што една проекција на Македонија за која може да размислува околу проблемите со кои се соочува ОБСЕ, може да биде и патот кон затворање на постојната мисија кај нас и унапредување на статусот на Македонија во рамките на меѓународната заедница – констатира Боцевски.
За поранешниот вицепремиер за европски прашања, ОБСЕ индиректно може да помогне за остварување на нашите стратегиски цели.
– Во однос на стратегиските проблеми што ги има Македонија, ОБСЕ не може да помогне директно, но може да помогне индиректно со тоа што дополнителен број дипломати и експерти ќе ги изложиме на еден вид меѓународна комуникација, на меѓународен натпревар и циркулирање на нашите позиции во тие меѓународни кругови, кои утре ќе може да ги искористиме за некои поконкретни цели – заклучува Боцевски.


Кои се надлежностите на ОБСЕ

Задача на секоја земја претседавач е да организира најмалку еден формален министерски состанок со присуство на министрите за надворешни работи на 57-те земји-членки на ОБСЕ и придружните делегации, потоа делегациите на раководството, претставници на самите институции на ОБСЕ и делегации на Парламентарното собрание и партнерските земји.
ОБСЕ го сочинуваат 57 земји-членки, меѓу кои САД, Канада, Русија, Велика Британија, Франција, Германија и многу други земји од Европа и Азија.
Главни приоритети во работата на ОБСЕ се контрола на оружје, медиумски слободи и развој, гранично управување, борба против трговија со луѓе, спречување и решавање конфликти, борба против тероризмот, образование, избори, родова еднаквост, добро владеење, човекови права, миграција, прашања во врска со националните малцинства, полициско работење, Роми и Синти, владеење на правото, толеранција и недискриминација, како и млади.