Овие несреќи уште еднаш алармираат и повикуваат на поголема будност и сериозен пристап кон издавањето лиценци за меѓународен и внатрешен превоз на патници, а особено за редовни и вистински проверки на исправноста на автобусите. Упатените во оваа област укажуваат дека законодавецот добро си ја завршил својата работа, но нашиот менталитет и лошите навики честопати придонесуваат со леснотија да гледаме на работите што не смее да се игнорираат, бидејќи последиците знаат да бидат трагични

Волунтаристичкиот пристап кон автобускиот превоз причина за многу сообраќајни несреќи

Летово што е во заминување, за жал, го обележија голем број автобуски несреќи, со голем број повредени. Изминатиот период се случија несреќи во Бугарија, Хрватска, Турција, Србија, а за голем дел од нив причините сѐ уште не се познати. Независно дали станува збор за технички проблеми, високите температури, замор кај возачот или одвлечено внимание, факт е дека билансот од нив е голем број починати и повредени.
Овие несреќи добија сериозна гласност и во домашната јавност, па уште еднаш алармираат и повикуваат на поголема будност и сериозен пристап кон издавањето лиценци за меѓународен и внатрешен превоз на патници, а особено за редовни и вистински проверки на исправноста на автобусите. Упатените во оваа област укажуваат дека законодавецот добро си ја завршил својата работа, но нашиот менталитет и лошите навики честопати придонесуваат со леснотија да гледаме на работите што не смее да се игнорираат, бидејќи последиците знаат да бидат трагични.

КОБНИ АВТОБУСКИ НЕСРЕЌИ

Последна во низата автобуски сообраќајни несреќи е неодамнешното излетување на автобус со сомборски таблички, на автопатот Ниш – Лесковац, при што животот го загуби една жена, а повеќе од 20 патници се повредени.
Според информациите, до несреќата дошло кога автобусот, кој ги враќал патниците од летување во Грција, од засега непознати причини, излетал од коловозот, неколку стотини метри се движел по тревна површина, а потоа се превртел настрана.
Повредените патници биле пренесени во Универзитетскиот клинички центар во Ниш и во Општата болница во Лесковац, а меѓу нив имало и деца. За среќа, ниту еден од нив немал посериозни повреди.
Од полициското одделение во Лесковац, по наредба на Основното јавно обвинителство во овој град, на возачот на автобусот му е одредена мерка притвор до 48 часа за сторено тешко кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, по што со кривична пријава ќе биде изведен пред обвинител.
Непосредно пред тоа, две автобуски несреќи се случија месецов во соседна Бугарија, од кои во едната беа повредени 17 деца. До несреќата дошло кога автобусот од Шабац, Србија, излетал од автопатот Тракија во Бугарија и се превртел во ендек. Дечињата биле учесници на фестивал во Несебар, а повеќето од нив се од српското село Батајница.
Неколку дена пред оваа несреќа, автобус со романски регистарски таблички се судри со автомобил со холандски регистарски таблички на патот Велико Трново – Русе. Во несреќата загинаа четири лица, а осуммина беа повредени.
Автобус со полски регистарски таблички, пак, на почетокот на месецов, излета од автопатот А4, помеѓу населените места Јерек Бисашки и Подворец во Хрватска. Според достапните информации, во несреќата животот го загубиле 11 патници и 25 биле повредени. Според првичните информации, до несреќата дошло најверојатно поради заспивање на возачот што управувал со автобусот. Вкупниот број на повредени лица во несреќата изнесува 34 патници.
Минатиот месец и Турција беше потресена од стравотна автобуска несреќа, која се случи во близината на Киркларели, во западна Турција. Патничкиот автобус се превртел рано наутро и паднал во бездна. Во несреќата животот го загубија најмалку шест лица, меѓу кои и едно дете, а 25 патници беа повредени.

СВЕЖИ СЕЌАВАЊА И ВО МАКЕДОНИЈА

Автобуската несреќа во која загинаа 46 македонски државјани во Бугарија е најтешката сообраќајка во Европа во последните десет години, според листата што минатата година ја објави хрватската новинска агенција „Хина“. Во автобусот со македонски регистарски таблички што се запали на автопат јужно од Софија, меѓу жртвите има 12 деца, додека седум патници преживеаја.
Во автобусот патувале 52 лица, на релацијата Истанбул – Скопје, а во несреќата загина и возачот.
За жал, ова не е прв ваков случај на автобуска несреќа со жртви и повредени во кој се вклучени македонски патници или македонски транспортери. Македонија памети голем број автобуски несреќи што завија многу семејства во црнина, кои постојано го дополнуваат „црниот список“. Трагедијата во Бугарија само ни ги врати сеќавањата на некои од овие кобни настани.
На 13 февруари 2019, на автопатот Скопје – Тетово, кај селото Ласкарци, околу 17 часот, се случи автобуска несреќа во која животот го загубија 16 лица, а 38 патници беа со полесни и потешки телесни повреди.
Околу еден месец подоцна, Јавното обвинителство излезе со конкретни детали за причините за оваа несреќа. Оттаму тогаш изјавија дека возачот на автобусот возел со недозволена брзина од 99 километри на час, иако смеел да се движи со максимална брзина од 80 километри на час. Сепак, брзината не била единствена причина за несреќата. Како што информираа тогаш, автобусот имал и технички проблеми со сопирачките, па возачот не можел да го запре автобусот.
На петнаесетти октомври лани, автобус со работници се преврте на излезот од индустриската зона Жабени, во Битола. Несреќата се случи околу 6.30 часот наутро, а петмина работници што се превезувале во автобусот добија полесни повреди, беа третирани амбулантски и не беа хоспитализирани.
На 7 декември 2019 година, македонски автобус чија крајна дестинација бил Копаоник, се преврте на магистралниот пат Прокупље – Блаце, во соседна Србија. Во несреќата едно лице доби потешки повреди, додека десетмина добија полесни повреди. Локалните медиуми тогаш известија дека делницата на која автобусот излетал од патот подолго време била во фаза на реконструкција.
Во 2016 година, пак, македонски автобус на фирмата „Бога транспорт“ удри во шлепер на четириесетина километри пред турско-грчката граница. Во овој инцидент загина едно лице, а 37 беа повредени. Двајцата возачи беа во притвор, 22 лица од повредените беа префрлени во најблиската болница во Малкара, а 17 беа транспортирани во Кешан.


Годишно во светот 1,3 милион луѓе умираат во сообраќајни несреќи

Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, годишно во светот 1,3 милион луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а од 20 до 50 милиони лица добиваат повреди. Тоа значи дека како последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3.500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода.
– Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. На светско ниво, годишно околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1.100 млади лица дневно. Сообраќајните незгоди претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15, како и од 20 до 24 години, и трета причина за смртност за лицата на возраст од пет до девет години – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.