Победникот на последните три изданија на велосипедската трка „Околу Шпанија“, попозната како Вуелта, Словенецот Примож Роглич триумфира на четвртата етапа, долга 152,5 км, прва на тлото на Шпанија, по трите што се возеа во Холандија. За Роглич (32), кој се смета за еден од главните фаворити за рекордна, четврта победа во низа на Вуелта, ова беше 10-та етапна победа на Вуелта. Во генералниот поредок тој има предност од 13 секунди пред Американецот Сеп Кус.
– Ова е само почеток на Вуелта, но секогаш е подобро да се биде десетина секунди понапред отколку поназад. Беше тешко, со силно темпо цел ден, супербрза и напорна етапа. „Ги имав нозете“, се обидов и успеав – изјави Роглич, кој посериозно се повреди на Тур де Франс, поради што неговиот настап на Вуелта беше неизвесен. Л.Д.