По повод 54-годишнината од инвазијата на силите на Варшавскиот пакт и советската окупација на тогашна Чешкословачка, Чесите ѝ испраќаат на Украина преку нејзината Амбасада во Прага симболични уплати од по 1.968 круни за купување оружје.
Иницијативата ја покрена адвокатот Петр Њемец, кога на социјалните мрежи ги повика Чесите наместо да гледаат филмови за окупацијата, да направат нешто за оние кои се во иста ситуација како кога советските тенкови ја прегазија Чешкословачка ноќта помеѓу 20 и 21 август 1968 година, во обид да ја задушат Прашката пролет, чија цел беше „социјализам со човеков лик“.
– Русија сè уште ја гледа Централна и Источна Европа како свој имот, со кој може да прави како што сака – истакна чешкиот премиер Петр Фијала на церемонијата по повод годишнината од окупацијата пред Чешкото радио во Прага.
Тој додаде дека војната во Украина само го докажува „крајот на илузиите дека рускиот империјализам исчезна заедно со комунистичкиот режим“.
Фијала вети дека Чешка ќе продолжи да и помага на Украина со оружје и хуманитарна помош, како и обновата на земјата.
Во инвазијата врз Чешкословачка загинаа 137 Чеси и Словаци кои масовно излегоа на улиците и протестираа, 500 беа тешко повредени, а стотици цивили беа полесно повредени. По инвазијата, само дел од советските сили се повлоа од Чешкословачка и тоа се претвори во децениска окупација. Последниот советски војник ја напушти Чешкословачка во 1991 година.